Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал долг и конструктивен телефонски разговор со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, нивна прва комуникација откако поранешниот претседател Николас Мадуро беше уапсен и пренесен во САД.
Трамп рече дека разговарале за повеќе прашања и дека „добро се разбираат“ со новото венецуелско раководство.
Родригез потврди дека повикот бил продуктивен и учтив и го искористиле за да дискутираат за билатерална работна агенда и прашања важни за двете земји.
Овој контакт е знак за можен дипломатски прекин на тензии меѓу САД и Венецуела, кои во последните недели беа зголемени по апсењето на Мадуро.
Во меѓувреме САД ја реализираа првата продажба на венецуелска нафта во вредност од околу 500 милиони долари, пренесува Си-Ен-Ен.
Според најавите, дополнителни продажби се очекуваат во наредните денови и недели. Потегот следува по американската воена интервенција во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро, при што претседателот Доналд Трамп најави дека САД ќе ги искористат големите нафтени резерви на земјата.
Тој тврди дека енергетската индустрија ќе инвестира најмалку 100 милијарди долари за обнова на венецуелскиот енергетски сектор.
Сепак, плановите на администрацијата беа пречекани со скептицизам од водечките американски енергетски компании, кои предупредија на правни и комерцијални ризици.
Според Ројтерс, венецуелската нафта моментално им се нуди на трговците со значителен попуст во однос на суровата нафта од други земји, вклучително и Канада.
