Словачкиот премиер Роберт Фицо повика на смена на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, оценувајќи дека Унијата „мора да се вразуми“.
„Европската Унија минува низ криза каква што не доживеала досега. Само силните ќе преживеат, економски, воено или енергетски“, рече Фицо, пренесува ТВ ТА3.
Тој оцени дека ЕУ, кога веќе усвои пакет санкции кон Русија, требала да реагира на идентичен начин за акциите на Израел во појасот Газа, наведувајќи дека тоа е селективен пристап кон меѓународното право. Фицо ја повика ЕУ да престане да биде пасивна.
„Европската Унија има доволна економска и популациска моќ да биде глобален играч,а не само набљудувач. Или ЕУ ќе стане суперсила или само ќе гледаме што прават другите“, рече тој.
Според него, лидерите на ЕУ „знаат само да ја мразат Русија“, но „не доаѓаат до сопствени решенија“. Оцени дека некои земји сакаат „да ја ослабнат Русија низ војна“ што, додаде тој. не функционира.
„Додека сум премиер, никогаш нема да пратиме ниту еден војник во Украина“, порача шефот на словачката влада, додавајќи дека неговата земја е подготвена да учествува во цивилни и хуманитарни проекти.
