Uncategorized Борба против Лажни вести Вести Македонија Топ вести

Прошетка на драг-кралицата од атинскиот плоштад „Синтагма“ низ македонскиот интернет простор

Фото: Парада на гордоста Атина – 2018 година

Лажните вести и манипулациите го засилуваат говорот на омраза кон ЛГБТИК+ заедницата

Од плоштадот „Синтагма“ во Атина во 2018 година, преку Грузија во 2020 до Македонија во 2024. Ова е патот на фотографијата од драг-кралицата од Парада на гордоста на плоштадот „Синтагма“ во Атина, Грција, одржана на 11 јуни 2018 година, објавена од city.sigmalive.com. Македонските портали и социјални мрежи од тогаш до сега во повеќе наврати ја употребуваат за оцрнување и предизвикување на негативни чуства кон ЛГБТИК+ лицата, претставувана како девијантна појава која ги урива моралните, традиционалните и семејни вредности и за поттикнување на говор на омраза.

Фото: ФБ профил на „Шило магазин“ – 2018 година

Порталот „Шило магазин“ истиот ден, кога фотографијата е објавена во грчките медиуми, ја објавува фотографијата на својот фејсбук профил, без да даде повеќе информации за фотографијата и во кој контекст е фотографирана, со текст: „Блиску сме до Европа… чекаме повик“, алудирајќи со тоа на  вредностите ги промовира Западот.

Објавата е проследена со коментари со говор на омраза и повикување на насилство врз ЛГБТИК+ заедницата.

Порталот „Мој збор“ две години потоа, во 2020 ја користи истата фотографиија како илустрација за текст во кој наведува дека на парадите на гордоста и на маршовите за заштита на човекови права се повеќе се промовираат антихристи кои ги сквернават религиските симболи во име на човековите права.

Фото: „Мој Збор“ – 2020 година

Притоа никаде во текстот не се наведува изворот на фотографијата, локацијата и контекстот, односно дека е од Парада на гордоста во Атина од 2018 година, посветена на женственоста, наведувајќи ја публиката на претпоставка дека фотографијата е можеби од Македонија.

Истата фотографија, истата 2020 година, се појавува и како илустрација на вест на Грузиска информативна агенција, со префикс „ru“ (ру), за информација дека Амнести Интернешнел побарало заштита на учесниците на Парадата на гордоста во Тбилиси. Притоа, исто како и во случајот на порталот „Мој збор“, без да се наведе од каде е фотографијата и кога е фотографирана.

Патот на фотографијата на атинската драг-кралица од 2018 година не завршува тука. Таа го наоѓа патот до фејсбук профилот на глумецот Сашо Тасевски во 2021, со објава со која се користи фотографијата за да се нападне тогашната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, за измените во легислативата за родовата еднаквост (Сашо Тасевски пост),  што е искористено и за објава на вест на порталот „Република“ со наслов: „Мила шарката ќе ги учи децата да бидат како овој на сликата“.

 

Фото: „Република“ – 2021 година

Освен што на тој начин се шири фотографијата во македонскиот интернет простор и социјални мрежи, се шири и говорот на омраза кон ЛГБТИК+ заедницата.

Фотографијата истата, 2021 година, е искористена и за илустрација на фејсбук профилот на  „Преземи одговорност“ кој се залага за заштита на децата од трансродова идеологија и рамноправност помеѓу мажите и жените, во пост посветен против Парадата на гордоста во Македонија. На постот можат да се прочитаат коментари со говор на омраза против ЛГБТИК+ лицата, нарекувајќи ги сатанисти, монструми, содомисти.

Фото: Пост на Антоанета Радева – 2024 година

Драг-кралицата од Грција во јавниот простор во Македонија се појавува и три години потоа во 2024 година, а седум години по нејзината прошетка по „Синтагма“, во фејсбук пост на Антоанета Радева од Бугарија, искористена како навреда за Македонките. Радева драг-кралицата на фотографијата ја нарекува „северџанка“, алудирајќи на новото име на државата.

Ако се анализира поврзноста на порталите кои ја објавуваат фотографијата не може да се најде нивна директна поврзаност. „Шило магазин“ – Магазин за дијаспората, во тоа време со домеин во Австралија, е регистрирано на лицето Оливер Димовски, а денес е со домеин „мк“ чија фејсбук страница има пет администратори – четворица во Македонија и еден во Австралија, но нема импресум на сајтот на магазинот. „Мој збор“ го има заштитено домеинот со клаузула за приватност, но на сајтот има импресум каде како сопственик е наведена фирмата „Проспериус филмс“ – ДООЕЛ од Сопиште. „Република“ е македонски информативен портал со домеин „мк“, во сопственост на „Прва Република“ ДОО Скопје.

Заедничко за сите објави, и на интернет порталите и на фејсбук профилите, е дека фотографијата е искористена за предизвикување нанегативни емоции и реакции, насочени кон ЛГБТИК+ заедницата, со поттикнување на говор на омраза.

Фото: Владимир Петрески – уредник на „Вистиномер“

Оваа фотографија е само една од многуте кои се дел од злоупотребата на информации која се прави, пред се во интернет простори и на социјалните мрежи, кога станува збор за ЛГБТИК+ заедницата и поттикнување на говорот на омраза кон оваа заедница, за што потврда има и од организации и експертите кои се занимваат со дезинформациите и последиците од нив.

„Вистиномер“ на Фондацијата „Метаморфозис“ е алатка која ги следи дезинформациите во македонскиот јавен простор, вклучително и медиумите и интернет просторот. Нивните анализи содржат примери за дезинформации поврзани со ЛГБТИК+ заедницата. Според нив, традиционалните медиуми пласираат многу помалку дезинформции за оваа заедница, споредено со тоа што може да се најде на социјалните мрежи.

Владимир Петрески, уредник на „Вистиномер“, објаснува дека дезинформаците за оваа заедница почнале да се засилуваат во Македонија во текот на политичката криза од 2011 до 2017 година, кога почнуваат да се користат и манипулации и оваа заедница да се третира како непријател на традиционалните вредности и на власта на тогашниот премиер, Никола Груевски. Со зголемувањето на политичката криза, вели Петрески, главните поддржувачите на тогашниот премиер, популарни на социјалните мрежи, почнале да ја напаѓаат оваа заедница, активистите и организациите кои се борат за нивните права, со ширење на дезинформации за нив.

„Но со падот на тогашната власт, нападите и дезинформациите врз ЛГБТИК+ заедницата во традиционалните медиум се проретчија и се смирија. Се покажа дека не може туку така да се користи говор на омраза против никого. Но тоа не е случај со социјалните мрежи“, вели Петрески.

Анализите на „Вистиномер“ покажуваат дека најголемиот дел од дезинформациите и лажните вести за ЛГБТИК+ заедницата се објави, но и фотошопирани и АИ фотографии. Обработените случаи од нивна страна покажуваат злоупотреба на симболите на ЛГБТИК+ заедницата за да се нападне со дезинформации.

Фото: „Вистиномер“

Таков е примерот со употреба на фотографија на која слично знаме на ЛГБТИК+ заедницата го носат деца, која е злоупотребена и прикажана како знаме на педофилите, а всушност е поддршка за ЛГБТИК+ заедницата.

Пораст на дезинформациите за ЛГБТИК+ заедницата доаѓа со почетокот на војната во Украина, поради експанзијата на пропагандата и кампањите од страна на Кремљ. Петрески вели дека овој тренд не ја заобиколил ниту Македонија, но оти е тешко да се следи трагата која води до Русија и изворот на дезинформацијата, поради нејзино споделувањето и преземање од голем број на портали додека да стигне до Македонија.

„Најголем дел од дезинформациите за ЛГБТИК+ заедницата на социјалните мрежи се увезени, односно идеите и наративите за нив. Со години наоѓаме објави со лажни говори на (Владимир) Путин. Работи коишто Путин никогаш не ги кажал, но во кои има напади врз ЛГБТИК+ заедницата дека таа влијае да се отстранат гениталии на машки деца за тие да се чуствуваат како девојчиња“, вели Петрески.

Потконтекстот на ваквите дезинформации за ЛГБТИК+ за заедница е дека ЕУ и Европа му го вртат грбот на традиционалнотот семејство, дека повеќе се грижи за ЛГБТИК+ заедницата отколку за другите граѓани.

„Целта е да се шири раздор, да се креира бес, омраза, внатрешен судир во земјите-членки и меѓу нив, за да се ослабе волјата на луѓето да се помага Украина“, вели Петрески.

Дека целта на дезинформциите за ЛГБТИК+ најчесто е создавање поделби, страв и морална паника, согласен е и психологот и психотерапевтот м-р Давид Тасевски, кој вели дека овие луѓе често се користат како симболична мета преку која може да се мобилизира негативна емоција, да се одвлече вниманието од други проблеми или да се создаде впечаток дека некој брани одредени вредности.

Фото: м-р Давид Тасевски – психолог и психотерапевт

„Во многу ситуации може да се препознае организиран модел на ширење, затоа што истите наративи, истиот речник и истата структура на пораките се појавуваат на различни места во ист период. Тоа укажува дека не станува збор само за индивидуални мислења, туку за насочено пласирање содржини чија цел е да предизвикаат емоционална реакција, сомнеж или страв. Ваквите наративи често се синхронизирани со други општествени или политички теми, што дополнително покажува дека се користат како средство за влијание врз јавното мислење“, вели психологот и психотерапевтот м-р Тасевски.

Фотографиите и видеата, според Тасевски, претставуваат една од најраспространетите техники за манипулација и тоа не само за ЛГБТИК+ темите, бидејќи визуелниот материјал изгледа убедливо, создава емоционална реакција, а ретко се проверува неговото потекло. На тој начин многу брзо се шират неточни или манипулативни содржини. На пример, се зема фотографија од некој фестивал, моден перформанс или уметничка изложба, се сечат делови или целосно се менува контекстот и потоа се претставува како ‘доказ’ за однесување на ЛГБТИК+ луѓето.

Фото: Њујорк Тајмс – Најдобри фотографии од машка модна ревија

„Во оригиналниот контекст фотографијата нема никаква врска со темата, но кога ќе се објави со драматичен опис, јавноста ја доживува како релевантен доказ“, објаснува Тасевски.

Социјалната мрежа „фејсбук“ во моментов е најчестата точка од каде што тргнува бранот на дезинформации, каде содржините се пренесуваат многу брзо. Дезинформациите и лажните вести за ЛГБТИК+ заедницата создаваат и нешто уште пострашно – искривување на перцепцијата на јавноста за луѓето од оваа заедница, со зацврстување на стереотипите и креирање на нартиви кои создаваат нетрпеливост, поттикнуваат дискриминација, говор на омраза и дела од омраза кон оваа заедница.

„Многу често се заборава дека ЛГБТИК+ луѓето живеат семејни животи, имаат партнерства, обврски и одговорности исто како и сите други, а некои од нив имаат и деца. Традицијата не е поврзана со сексуалната ориентација, туку со вредности, однесување и меѓучовечки односи. Дезинформациите го нарушуваат ова разбирање и ја нормализираат идејата дека ЛГБТИК+ луѓето се опасност за општеството“, вели Тасевски.

И говорот на омраза, вели Тасевски, најчесто се манифестира на социјалните мрежи, каде групната динамика може да ја засили агресијата, а анонимноста и брзината на комуникацијата создаваат чувство дека сѐ може да помине без последици и затоа полесно се изразува омраза отколку во реалниот живот.

Последиците од дезинформциите силно влијаат и врз самите ЛГБТИК+ луѓе. Тие често оставаат длабоки психолошки последици врз нив, како што е чувство на небезбедност, изолација, страв или срам, што може значително да ја намали подготвеноста кај луѓето да бидат видливи, да побараат поддршка или да живеат слободно. Кај младите, наведува психологот и психотерапевт Тасевски, поттикнува анксиозност и чувство дека немаат место за нив во заедницата во која живеат, поради што, како механизам на одбрана, почнуваат да го доживуваат општеството како непријателско и неправедно, што дополнително го продлабочува јазот меѓу нив и средината во која се обидуваат да се изградат.

Фото: Коалиција Маргини

Институционална поддршка за ЛГБТИК+ луѓето речиси и ја нема, што резултира со креирање на небезбедна средина за нив, со чуство на незаштитеност. Тоа го потврдува и најновиот извештај на „Коалиција Маргини“ за институционално насилство врз ЛГБТИК+ лица за периодот 2021–2023, при што се регистрирани 255 случаи на институционално насилство, од кои најмногу случаи се идентификувани во здравството – 93, потоа во образованието – 82 и во полицијата – 54.

Институционална поддршка за ЛГБТИК+ луѓето речиси и ја нема, што резултира со креирање на небезбедна средина за нив, со чуство на незаштитеност. Тоа го потврдува и најновиот извештај на „Коалиција Маргини“ за институционално насилство врз ЛГБТИК+ лица за периодот 2021–2023, при што се регистрирани 255 случаи на институционално насилство, од кои најмногу случаи се идентификувани во здравството – 93, потоа во образованието – 82 и во полицијата – 54.

Фото: м-р Сара Миленковска – проектна координаторка и истражувачка во „Коалиција Маргини“

„Европските податоци на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права и домашните анализи покажуваат дека само една петтина од ЛГБТИК+ лицата во Македонија се чувствуваат безбедно да бидат отворени за својот идентитет, додека мнозинството избегнува јавен израз на интимност од страв од вознемирување. Наместо заштита, институциите често обезбедуваат стигматизација, одбивање на услуги и непостапување, оставајќи ги ЛГБТИК+ лицата незаштитени токму кога се најранливи“, вели проектната координаторка на Коалицијата, м-р Миленковска.

„Мапата на виножитото“ и индексот на организацијата ИЛГА-Европа, кои ги мерат реформите за унапредување на позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИК+ луѓето, годинава ја рангираа Македонија на 31 место со 29,26%, далеку под просекот на Европа 41,85%, а уште подалеку од просекот на ЕУ со 51,13%.

Фото: ЛГБТИК+лицата – Европски суд за човекови права

Ваквите наоди, вели Миленковска, се надоврзуваат и на тековните дезинформациски кампањи и анти-родови структури.

„Затоа говорот на омраза не се појавува во изолација – тој расте на терен каде анти-родовите актери шират паника, а институциите не реагираат, што создава систем во кој јавниот простор станува небезбеден за ЛГБТИК+ заедницата. Интегрирањето на овие податоци со нашиот мониторинг јасно покажува дека дезинформациите не се само он-лајн појава, туку дел од поширока структура на институционално непостапување и политичка инструментација на ранливите групи“, вели Миленковска од Коалиција Маргини.

Институтот за медиуми и Аналитика „iМ@“ во анализата од декември 2024 година, изготвена од м-р Мања Величковска,  м-р Грација Атанасовска и м-р Сара Миленковска, за цензурата, бојкот и намалување на просторот за делување на ЛГБТИК+ активистите и на уметниците како резултат на говорот на омраза, во една од препораките наведува дека домашните механизми за заштита на човековите програма, особено полицијата, обвинителството и судството, треба да обезбедат правна и институционална заштита што недвосмислено ги штити слободите на здружување, собирање и изразување, особено за маргинализираните групи како жените и ЛГБТИК активистите.

„Потребни се јасни механизми за справување со дезинформациите, говорот на омраза и заканите, вклучително и одговорност за сторителите, за да се зачува граѓанскиот простор“, се наведува во препорака од Институтот за медиуми и Аналитика.

Од „Коалицијата Маргини“ пак со став, дека државата треба експлицитно да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законите за говор на омраза и делата од омраза. Но засега напредок нема. Во пракса, тоа значи дека поддржувачите на анти-родовите права знаат дека нема реални последици за организирани он-лајн напади, за координирани повици за цензура на квир уметноста или за таргетирање на активисти и млади.

„Од таму, дезинформациите и лажните морални паники не се само ‘шум’ – тие стануваат алатка за структурно стеснување на граѓанскиот, академскиот и културниот простор. Затоа нашата работа денес не се состои само во документирање и правна поддршка, туку и во јавно именување на анти-родовите актери и нивните дезинформациски стратегии“, вели Миленковска.

И додека организациите кои се борат за правата на ЛГБТИК+ заедницата ги повикуваат институциите да ја засилат својата улога во нивната заштита, пред се со разрешница на пријавените случаи на насилство, но и позитивни јавно обвинителски одлуки и домашна судска пракса за говорот на омраза, експертите за борба против дезинформации и лажни вести, вклучително и тие за ЛГБТИК+ заедницата единствен начин за нивно запирање гледаат во едукација за медиумска писменост и критичко мислење.

Според нив, најважно е ширење на медимска писменост, креирање на национална акција на медиумска писменот, односно да научат граѓаните како да разликуваат дезинформации, манипулации и пропаганда, од вистински вести.

Тамара Грнчароска

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Партијата на пензионери бара итна реакција за состојбата во пензискиот фонд

Kristina Kuzmanovski

(Видео)Вирално „запросување“ на врвот на Емпајер Стејт Билдинг: руските руфтопери уапсени по опасен спектакл над Њујорк

Tea Dimkovska

Атанасовски: Со реконструкцијата се измери коалициската вредност на ЗНАМ

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе