Вести Македонија Најважни

Ѓаволот во бегство – се шета низ Скопје и добива милионски тендери

Осомничен за злосторничко здружување и финансиски криминал, полицијата го бара со меѓународна потерница, тој слободно се шета низ Скопје, а неговата фирма си добива милионски тендери од државните институции.

Фирмата Тритерол петрол, во сопственост на неготинскиот бизнисмен Љупчо Пецов Ѓаволот, кој скоро две години е во бегство, редовно добива тендери за набавка на нафта и нафтени деривати. Податоците на Електронскиот систем за јавни набавки покажуваат дека за неполни две години, од 3 ноември 2023 година, кога полицијата распиша меѓународна потерница по него, неговата фирма добила 136 тендери во вкупна вредност од над 300 милиони денари, односно 5 милиони евра. Јавни претпријатија, училишта, градинки, општини се меѓу неговите клиенти.

Пецов е осомничен дека е еден од организаторите на злосторничкото здружение за даночно затајување во случајот Синџир. Беа обвинети 22 сопственици и директори на фирми затоа што со лажни фактури го оштетиле буџетот за 8 милиони евра. Против Пецов немаше обвинение зашто е недостапен. Десетина обвинети минатата година признаа вина и добија затворски или условни казни.

На почетокот на годинава, Финансиската полиција поднесе кривична пријава против директорот на Тритерол петрол Зоранчо Ангелов и двајца вработени во Бирото за метрологија, за фалсификување документи дека поседуваат резервоари за гориво за да може да ја продолжат лиценцата.

Регулаторната комисија за енергетика во април годинава ѝ ја одзеде лиценцата за трговија со нафтени деривати на големо, токму поради непоседување на резервоари. Во мај, фирмата поднела ново барање за лиценца, но сега само за трговија со екстра лесно масло за горење. Засега нема одлука од Регулаторната. Сепак, последниот тендер со Пошта е склучен во јуни, два месеци по укинување на лиценцата.

Пецов има фирми и во Бугарија, па сомнежите на истрагата се дека избегал кај источниот сосед. Телма минатата недела објави дека тој бил во Скопје, на нотар и на лекар, а Обвинителството за гонење организиран криминал обезбедило и видео снимки на кои се гледа. Неговиот адвокат побарал притворот да му се замени со поблаги мерки, и покрај тоа што е во бегство, и понудил гаранција во имот од 1 милион евра.

Пецов и неговите татко и мајка во 2013 година беа осудени во аферата „Керозин“, бидејќи преку нивната фирма „Алма комерц“ точеле помалку нафта од договореното во тендерите и со тоа го оштетиле Буџетот за речиси три милиони евра. Пецов беше осуден на девет години затвор, а потоа казната му беше намалена на седум години.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пумпи, лопати и багери – се санираат штетите по невремето во Скопје

Sasko Dimovski

Возел со 177 км на час – уапсен возач кој двојно ја надминал максимално дозволената брзина на управување со возило

Дејан Дејан

Силен дожд и град ги уништија посевите во повеќе струмички села

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе