По смртта на младиот бизнисмен Душко Чифлиганец се преземаат активности за подготовка на документација и пренесување на посмртните останки во Македонија, нè известија од МНР. Од чешката полиција во Брно за Телма соопштија дека сите потребни информации ќе бидат споделени со амбасадата на државата. Триесет и тригодишниот Чифлиганец почина вчера попладне, откако 24 часа се бореше за живот по сериозна повреда од пад на мотор.
Во саботата, Душко Чифлиганец, кој е е вљубеник во мото спортовите, паднал од мотор на свиок на познатиот автодром Брно, каде македонскиот бизнисмен се подготвувал за настапи. Чифлиганец се излизгал со моторот и претрпел тешки повреди на главата. Бил префрлен со хеликоптер во Универзитетскиот клинички центар Брно каде му била пружена медицинска нега. Цело време бил во кома, а ден подоцна им подлегнал на тешките повреди.
Починатиот Душко Чифлиганец беше заменик претседател на групацијата „Aдорa“ и син на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец, активен во хуманитарни организации и моторциклист кој и активно се натпреварувал на мото трки.
