На повици за обединување, а не на поделби повикаа денеска лидерите на владејачките и опозициските партии по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката како и 81 година од Првото заседание на АСНОМ.
Премиерот Христијан Мицкоски положи цвеќе пред споменикот на Никола Карев пред зградата на Собранието, пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“, како и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“. Тој притоа изјави дека жртвата на илинденците треба да е потсетник за тоа каква држава треба да се остави на генерациите кои доаѓаат.
Држава во која што ќе имаме среќни граѓани. Држава која што ќе биде просперитетна. Држава која што ќе биде татковина на сите без разлика на етничката припадност. Овој ден нека нѐ обединува, ова е ден за обединување, да се слави и нека ни е вековит денот, да го чествуваме достоинствено и на помош нека ни е Свети Илија, порача премиерот.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче од Крушево го честиташе празникот и порача дека борбата не е завршена.
Меѓутоа мора да признаеме дека нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, да конечно станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски. Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава, рече Филипче.
Преку Фејсбук честитка за празникот упати и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети со критика дека за разлика од 1903 кога Албанците и Македонците биле обединети, сега се едни наспроти други, со тенденции за маргинализација и наметнување на етничка супремација.
По децении придонес за еднаквост и праведна поделба на одговорностите, денес се множиме со нула во спроведувањето на владините политики, во вработувањата, дипломатијата, безбедноста, културата, здравството, образованието, економијата, европската интеграција, и насекаде. Охридскиот договор, кој претставува модерен Крушевски манифест, се обидуваат да го укинат, преку исклучување на албанскиот јазик од службена употреба, преку селективна и политички диригирана правда, преку отстранување на албанското национално знаме, преку укинување на Бадентеровото мнозинство и балансерот како механизми против мнозински диктат, непризнавање на резултатите од пописот, и промовирање на државни политики базирани на моноетничката доктрина – „повторно твоја“, порача ахмети.
Оваа година никој од високиот државен врв не беше присутен на Пелинце како што беше случај во минатото. Ниту претседателот на државата, ниту на Владата или на Собранието не беа дел од свеченото одбележување на Првото заседание на АСНОМ. Цвеќе положија министри и потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова лани го посети манастирот „Свети Прохор Пчињски“ и имаше свое обраќање од Пелинце. И нејзиниот претходник на функцијата Стево Пендаровски во 2023 година оттаму упати честитки.
Во 2022 година највисокиот државен врв во Пелинце беше предводен од тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери. И во 2021 и 202О година присутни беа носителите наедна од трите највисоки функции во државата.
Марија Митевска
