Ниту премиерот не кажува зошто владата го поништи изборот на тројца кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Владата со кратка реченица „не ги исполнувале критериумите“ го поништи изборот на комисијата формирана од владата која како најсоодветни и најквалитетни ги избра адвокатот Јордан Апостолски, судијката Габриела Гајдова и обвинителката Ленче Ристовска.
Бидејќи владата не била задоволна формира нова комисија за нов избор, а во комисијата има и членови од првата комисија која лошо ги избрала тројцата најдобри. Новата комисија ќе ја води претседателот на Уставен суд, а ќе членуваат и други судски функционери.
„Врвни, како Врховниот суд, Уставниот суд, Кривичниот и така натаму. Еве тие нека одлучат во следниот конкурс кој е најдобар за да нема тука би рекол изговори вака било така било, јас би се воздржал од било каков коментар на тоа што го кажуваат некој од кандидатите, бидејќи тоа е нивната вистина. За жал тоа не е вистинската вистина. Вистинската вистина е тоа што го кажува Владата“ изјави премиерот Христијан Мицкоски.
На прашањето: Вистината на комисијата беше дека се изберени тројца најдобри кандидати. Тие исто така беа стручни. Ја водеше државен секретар во министерството за надворешни работи, уставен судија со висок кредибилитет, директорката на Академијата за судии и обвинители и други. Сите овие кажаа дека тие тројца се најдобри кандидати. Зошто нивната вистина не е прифатлива за Владата? И зошто овие кандидати, тие исто така стручни луѓе беа избрани не ги исполнуваат критериумите?
Мицкоски одговори „Затоа што е констатирано дека не ги исполнуваат критериумите. Има во соопштението на Владата, ќе се обратите ќе ви ги објаснат.“
Обвинителката Ристовска вчера преку јавно обраќање посочи дека имала укажувања да се повлече од изборот поради што потегот на владата го смета за очекуван.
Според неа неизвесно било само како владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Советот на Европа за избор на кандидати за судии и да ги прекрши сопствените насоки. Но, Мицкоски тврди дека вистинската вистина е во она малку што го кажа владата.
Новата комисија предводена од првиот човек на Уставниот суд Дарко Костадиновски сега е пред голем предизвик, да не ги навреди колегите од првата комисија и од првиот избор, но и да не го погреши вкусот на владата за кандидати. Мандатот на Јован Илиевски, македонскиот судија во Стразбур истекува во јануари, а роковите за избор течат и веќе се доцни со праќањето на листа од тројца кандидати од кои судија ќе го избере Советот на Европа.
Mиомир Серафиновиќ
