Вести Македонија Најважни

Владеачкото мнозинство го предлага Фатон Селами за нов заштитник на правата на граѓаните – тој е партиски советник со искуство во канцеларијата на народниот правобранител

Четириесетгодишниот Фатон Селами е предлог за нов Народен правобранител. Пратеници од владеачката коалиција во комисијата за избори и именувања, за едно попладне и една свежа јулска ноќ, успеале да ги прелистаат и споредат сите 17 биографии на пријавените кандидати и утврдиле дека најдобар избор за омбудсман е токму Селами, кој во моментот е општински советник во Тетово од Алтернатива, партијата на парламентарниот спикер Африм Гаши. Алтернатива е дел од коалицијата Вреди и токму координаторот на пратеничката група Беким Ќоку го предложи за нов Народен правобранител.

„Тој ги исполнува сите услови и китериуми кои се поврзани и потребни за оваа задача и сакам да се изгласа и да се предложи како кандидат“, рече Ќоку на седницата на комисијата за избори и именувања.

Опозициските претставници од Европскиот Фронт првично ја одложија седницата за еден час, затоа што не ги добиле материјалите за точка предлог на народен правобранител, пет дена пред седницата како што е согласно деловникот. Добија објаснување дека изборот на нов правобранител е ургентна потреба за граѓаните. Потоа го оспоруваа кредибилитетот и политичката биографија на предложениот Фатон Селами.

„Сакам да се фокусирам на етичкиот дел и независноста на кандидатот зад кој стои политички субјект или одредена коалиција. Во овој случај, ние не избираме правобранител на коалиција, на партија или на некоја личност туку застапник на правата на граѓаните“, изјави Илире Даути од „Европскиот фронт“.

Двете пратенички од Европскиот Фронт ја напуштија комисиската седница, а мнозинството го изгласа предлогот Фатон Селами. Итно беше закажана пленарна собраниска седница, но точката за избор на народен правобранител, ставена како последна не дојде на ред пред пратениците.

За избор на народен правобранител, покрај 61 глас, треба и најмалку 20 пратенички гласови „за“ од вкупно 39 пратеници од помалите етнички заедници.

Европскиот Фронт на ДУИ со Таравари имаат 21, а ВМРО-ДПМНЕ и Вреди 14. Во овие бројки ќе се бара решение за излез од „правобранителската криза“ со предложениот Фатон Селами.

Селами на својот Фејсбук профил како последна содржина има објавено политички пост од 22 јули, кога при политички активности го придружувал претседателот на Собранието Гаши и тетовскиот градоначалник Билал Касами.

Во биографијата доставена до Собранието, Селами не го ставил податокот дека во моментот е советник во Општина Тетово. Тој има и 10-годишно искуство како вработен во канцеларијата на Народниот правобранител каде работел на предмети за потрошувачки права на граѓаните за што има и магистратура.

Во 2018-та година заминува и станува државен секретар во Министерството за правда во кабинетот на тогашниот премиер Заев.

Селами има искуство и авторски трудови за човекови права, веќе истечен сертификат за „Државна Тајна“ и положено и правосуден и нотарски испит.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе