Вести Македонија Најважни

По седум години во магацин, споменикот на Ќосето, повторно поставен во Скопје

По седум години во магацин, споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, повторно поставен во Скопје, но овој пат на нова локација – во близина на кружниот тек кај Хотелот Континентал. Старо-ново споменик стои во непосредна близина на споменикот на генерал Михалјо Апостолски на кружниот тек со неискосена трева и овенати цвеќиња.

Според фотографиите што ги објави градоначалничката Данела Арсовска на Фејсбук, споменикот бил поставен во текот на ноќта.

-Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание, пишува градоначалничката на Фејсбук.

Граѓаните на социјалните мрежи иронично коментираат дека откако ги реши проблемите на Скопјани, на Арсовска ѝ остана само Ќосето.

– Може ни тргна вода, ама ни го врати Ќосето.

Телоп: Вода немаме, валкано е до болка, се усмрдевме по секоја основа, нема читава општинска и градска улица, дивоградби, урбанистичко силување, град кој не заслужува да се нарече град. Плус, со најзагаден воздух. Ама барем Ќосето ќе го гледаме.

 -Македонија гори они со Ќосето се занимаваат.

Споменикот на Ќосето во изминатата деценија сврте цел круг низ градот и смени тројца градоначалници. Беше поставен во 2014 на крстосницата кај Судската палата во време на градоначалникот Коце Трајановски. Неговиот наследник Петре Шилегов во 2018 го отстрани оти бил дивоградба и оттогаш се чуваше во Металскиот завод Тито. Арсовска уште по доаѓањето на чело на градот најави негово враќање. Советот на Град Скопје кон крајот на 2023 изгласа поставување на споменикот, а ноќеска беше поставен кај Континентал, во непосредна близина на повисоките населби Железара и Гази Баба, кои токму во овој летен период често снемуваат вода.

Сепак, споменикот на Ќосето, со револвер во едната и кама во другата рака, не е само комунално, туку и идеолошко прашање и со години предизвикува контроверзи во јавноста. Поддржувачите сметаат дека Ќосето е значаен македонски револуционер на ВМРО, противниците дека бил егзекутор и силеџија, кој не заслужува споменик.

По неколку години конфликт, споменикот повторно ги стави Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ на иста страна.

Опозициската СДСМ, пак, реагираше дека на Скопје, не му требаат „рециклирани споменици од времето на режимот“.

-Андон Јанев – Ќосето е историска маргинална но длабоко контроверзна личност. Ваков споменик не треба да биде поставен каде било, а најмалку во Скопје. Неговото место, може да е само во соодветно поглавје од македонската историја, поткрепено со историски извори, реагира СДСМ.

И покрај жестоките критики за целиот проект Скопје 2014, споменикот на Ќосето беше единствениот што власта на СДСМ го отстрани. Советот на Град Скопје во декември 2023, со 15 гласови од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од Левица и по еден од ГРОМ, Демократски сојуз и од советничката Ирена Витина, изгласа поставување на споменикот кај Континентал.

Срѓан Стојанчов

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе