Досега на огласот за избор на нов Народен правобранител се пријавиле 12 кандидати, потврди за Телма, Ѓорѓија Сајкоски, пратеник и претседател на комисијата за избори и именувања, која треба да го предложи новиот омбудсман.
Рокот, номинално заврши во сабота, но бидејќи станува збор за неработен ден, и во текот на деншниот ден ќе може да се поднесат документи на кокурсот. Дополнително, ќе се почека и еден до два дена за да се види дали ќе пристигне и по пошта кандидатура испратена во рокот на огласот.
Претходниот народен правобранител Насер Зибери на 12 јули отиде во старосна пензија, бидејќи законот така определува, а собраниската Комисија за избори и именувања оцени дека е ненадлежна да одлучува по барањето на Зибери да му се продолжи извршувањето на функцијата согласно Законот за работни односи.
Законските измени со кои се укинува старосната пензија како услов за завршување на функцијата Народен правобранител стигнаа до гласање во Собранието, но не беа ставени бидејќи не беа обезбедени доволен број гласови за квалификувано мнозинство.
Мандатот на Народниот правобранител трае 8 години, а Зибери беше омбудсман речиси двојно пократко односно 4 и пол години.
Сајкоски ни изјави дека по пристигнувањето на сите кандидатури, тие ќе се разгледаат и до крајот на неделата на комисија ќе биде утврден кандидат по што ќе се закаже и пленарна седница за избор.
Изборот треба да се направи пред распишување на локалните избори. Очекувањата се дека изборите ќе бидат распишани во првите десет дена на август.
Омбудсманот се грижи за заштита на правата на граѓаните од институциите и од функционерите, а има и големи овластувања за остварување на избирачките права на граѓаните.
Миомир Серафиновиќ
