Пожарот кој изби на планината Готен во Василево по пет дена излезе од контрола. Пламените јазици се проширија кон радовишкиот и беровскиот регион кој ги зафати врвовите на мал и голем Готен. Од утринава над 150 луѓе од кои доброволци со мотики и греблa активно се вклучени заедно со пожарникарите, вработените од национални шуми и центарот за управување со кризи.
Пламените јазици се доближуваат близу радовишко до населените места Јаргулица, Покрајчево, Подреч и Злеово. Теренот скоро 30 години е неисчистен и небезбеден за возила со што ги спречува екипите да пристапат кон зафатената огнена површина.
„Во Радовиш пожарот е малку покарактеристичен дел, бидејќи гори многу лош дел којшто има трева која е над еден ипол метар висока и дел којшто е обраснат со многу смрека. Пожарот се шири многу брзо и тука не може да се пристапи лесно со копнени сили. Пожарот се движи од врвот на мал и голем Готен кон поднежјето и се движи кон неколку населени места кон Радовиш Јаргулица, Покрајчево, Подреч, Злеово“ изјави Кире Михаилов, заменик директор на Национални шуми.
Од општината Василево во текот на ноќта се испратени пинцгауери кои помагаат во гасењето, заедно со еден хеликоптер којшто фрла вода од браната Злеово.
Од Центарот за управување со кризи дополнително информираат дека на територијата на државата од вкупно 12 пожари, 6 се активни, 3 се под контрола, а 3 се изгаснати.
Неколку дена активни пожари има во околината на Прилеп, во Македонски брод, Штип дополнително пожар има и во Општината Желино кој се уште не е ставен под контрола.
Теа Димковска
