Под влијание на интензивен топлотен бран, Македонија е во портокалова и црвена метео фаза, со температури кои до сабота ќе достигнуваат и до 43 степени Целзиусови. Најтопло ќе биде во Скопскиот, Вардарскиот и југоисточниот регион, додека најмалку засегнат останува Полошкиот регион.
Владата веќе донесе мерки за заштита на ранливите категории, а Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Министерството за здравство (МЗ) апелираат на строго почитување на препораките. Граѓаните се советуваат да остануваат во разладени простории, да внесуваат доволно течности, да избегнуваат физички напор и директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот.
Работодавачите се повикани да ги адаптираат работните услови, да овозможат климатизирани простории, почести паузи и флексибилно работно време.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупредува на ризик од труења со храна и појава на топлотен удар кај животните. Се препорачува внимателно чување и подготовка на храна, како и обезбедување сенка и вода за домашните и животните на фармите.
