Сите патници во авионот Антонов Ан-24, кој претпладнево се урна на рускиот Далечен Исток, загинаа, објавија државните медиуми, повкувајќи се на Итната служба. Летот на компанијата „Ангара Ерлајнс“ изгуби контакт со контролата на летање околу 13 часот по локално време, додека се наоѓаше на само неколку километри до слетување во Тинда, во областа Амур, во близина на границата со Кина.
Авионот полета од Хабаровск, слета во Благовешчанск, пред да продолжи кон Тинда. Меѓу загинатите се и шест членови на екипажот. Итните служби наведуваат дека авионот не пратил сигнал за помош, ниту пак пријавил технички проблеми пред исчезнување од радарот. Спасувачките служби го лоцираа трупот на авионот на околу 16 километри од Тинда.
Според итните служби, во авионот имало 40 патници, меѓу кои две деца, и шест члена на екипажот. Гувернерот на регионот, Василиј Орлов изјави дека, според прелиминарните податоци, во авионот се наоѓале 43 патници, вклучително пет деца и шест члена на екипажот.
„Прелиминарните информации укажуваат дека загинаа сите патници. Хеликоптерот за спасување не можеше да слета на местото на несреќата. Станува збор за непристапен, планински терен на падина. На местото на уривање на авионот сè уште гори пожар“, изјави неименуван претставник за државната агенција ТАСС.
Се урна патнички авион во Русија со околу 50 патници и членови на екипажот
