Под влијание на интензивен топол бран, времето низ цела држава до сабота ќе биде претежно сончево и многу топло, со дневни температури значително над просекот за овој месец.
Во југозападниот, источниот и североисточниот регион температурите ќе се движат меѓу 34 и 38°C, додека во Полошкиот регион ќе достигнат до 38°C.
Најтопло ќе биде во Пелагонија, Скопје, Вардарскиот и југоисточниот регион, каде што се очекуваат вредности од 38 до дури 42°C.
Утре се очекува умерен, а во западните делови и засилен југозападен ветер. Граѓаните се предупредуваат да внимаваат на здравјето, да избегнуваат директна изложеност на сонце и да внесуваат доволно течности.

Министерството за здравство: Не излегувајте без потреба и пијте доволно течности
Министерството за здравство со апел до граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високи температури, особено што за неделава се предвидуваат температурите до 41°C во повеќе региони.
Граѓаните се советуваат да престојуваат во затворени и разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, да внесуваат доволно течности, да носат лесна облека, и да избегнуваат физички активности во најтоплиот дел од денот.
Посебно внимание се препорачува за децата, повозрасните, хронично болните и бремените жени.
Во случај на симптоми како главоболка, вртоглавица, гадење или забрзан пулс, Министерството советува веднаш да се побара лекарска помош.
Од Итната медицинска помош пак денеска информираат дека кај нив денеска е забележан зголемен број на повици.

ЈП „Водовод“ со апел за рационално користење на водата
Прекини во водоснабдувањето и намален воден притисок, особено во повисоките станбени објекти, стануваат сè почеста појава низ повеќе делови од Скопје.
Од ЈП „Водовод“ објаснуваат дека причината е зголемената потрошувачка на вода во летниот период, поради што апелираат до граѓаните на внимателно и рационално користење на питката вода.
Градот се снабдува исклучиво од природни извори со ограничен капацитет, па од претпријатието повикуваат граѓаните да се воздржат од активности како што се полевање градини, миење возила и полнење базени – активности кои не се од витално значење.
„Водовод“ информира дека нивни екипи работат 24 часа на терен за откривање и отстранување дефекти, како и за исклучување на диви приклучоци кои дополнително го оптоваруваат системот.
Апел е упатен и до локалните власти и месните заедници да помогнат во подигнување на јавната свест за одговорно користење на водата.
