Министерката за образование Весна Јаневска смета дека не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовните асистенти, затоа што потребите во училиштата се, како што вели, променливи. Дел од родителите јавно посочуваа дека со честите промени на образовните асистенти се создава ризик за регрес во образовниот процес на нивните деца.
Мојата порака до родителите е да бидат мирни. Министерството, кое е надлежно за ресурсните центри кои што ги објавуваат конкурсите за образовни асистенти, комуницира, е во контакт и врши одреден надзор. Но, сепак, родителите треба да знаат дека најпрво училиштата пријавуваат колку образовни асистенти им се потребни. За тоа треба време, прво да се запишат децата, па училиштата да утврдат колку деца имаат со посебни образовни потреби за да можат да пријават до ресурсниот центар. Образовните асистенти не се трајно вработени. Причината е што потребите за образовни асистенти секоја година се менуваат. Ако се зголемат потребите, ние го зголемуваме бројот на асистенти. Но факт е дека, комисијата за функционална проценка оценува кое дете има потреба. А кога детето ќе постигне напредок, комисијата ќе оцени дека веќе нема потреба од асистент, што и е основната цел, на образованието но и во животот за детето кое има посебни образовни потреби да биде самостојно, вели за РСЕ министерката за образование Весна Јаневска и додава дека Штом ќе ги добијат како што вели финалните бројки, ќе продолжат со процедурите за обезбедување образовни асистенти.
