Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека компанијата „Кока-Кола“ се согласила да користи шеќер од трска во нејзините пијалоци за пазарот во САД, пренесува „Би-Би-Си“.
Во пијалоците кои се дистрибуираат на американскиот пазар, „Кока Кола“ користи пченкарен сируп, но министерот за здравство, Роберт Ф. Кенеди Помладиот изрази загриженост поради влијанието на состојката врз здравјето на консументите. Тој и неговото движење „Да ја направиме Америка повторно здрава“ се залагаат компаниите да ги отстранат состојките како пченкарен сируп и вештачки бои од нивните производи, поврзувајчи ги со низа здравстени проблеми.
„Разговарав со „Кока Кола“ за користење на вистински шеќер од трска во пијалоците во САД и тие се согласија да го сторат тоа. Сакам да се заблагорадам на сите на управата во „Кока-Кола““, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Експлицитна потврда за промена на рецептот на „Кока Кола“ нема. Портпаролот на компанијата рече дека „го ценат ентузијазмот на претседателот Трамп“ и дека „наскоро ќе објават повеќе детали за иноватнивните понуди во асортиманот“.
„Кока Кола“ што се продава во САД обично се засладува со пченкарен сируп, а во другите земји како Велика Британија, Мексико и Австралија настојува да користи шеќер од трска.
Извршниот директор на компанијата, Џејмс Квинси во април им порача на инвеститорите дека „продолжуваме да работиме на намалување на шеќерот во нашите пијалоци“.
