Не гледај што зборуваат, туку што прават. Оваа народна поговорка е коментарот на премиерот, Христијан Мицкоски, на синоќешната изјава на бугарскиот претседаел, Румен Радев, дека Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од Договорот за добрососедство, протоколите кои произлегуваат од него и Преговарачката рамка за Македонија со Европската унија.
„Нашите стари рекле, помалку слушај што зборат, повеќе гледај што работат“, рече Мицкоски.
Мицкоски притоа и порача на Бугарија да го докаже на дело тоа што го зборува и оти првата можност за тоа ја има на 24 јуни кога ќе се гласа Извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
„Очекувам бугарските членови на Европскиот парлемент да ги повлечат амандманите во кои што бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето ‘сегашен’ или ‘презент’ и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и Патоказот за малцински права кој многу скоро ќе биде на дневен ред, така што имаат можност да ова што го зборуваат и на дело го докажат. Очекувам да ја прифатат средбата во рамките на состанокот на НАТО во Хаг. Да се разговара и за Коридорот 8“, изјави Мицкоски.
Бугарскиот претседател Радев пак ден претходно на средбата со македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова, во Тирана, во рамки на состанокот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Тирана, и кажал во кои рамки ќе се држат барања на Бугарија.
„Постои Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и два протоколи кон него. Постои преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји-членки и владата на Северна Македонија, па затоа Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од овој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи“, порачал Радев.
Радев пак на прес-конференцијата по средбата пак порачал дека Софија сака да види вистинско почитување на човековите права.
Претседателката Сиљановска денеска не сакаше да ја коментира изјавата на Радев, велејќи дека и вчера му пренела на бугарскиот колега дека не се согласува со него. Таа притоа рече дека Македонија не бара никаков ексклузивен статус.
„Ние бараме стандардно однесување, во духот на она што јас постојано го повторувам – сакам да живеам во стандардна европска држава“, рече Сиљановска Давкова.
Според неа Македонија не треба да биде исклучок од другите, туку правилата да важат за сите.
Тамара Грнчароска
Радев: Бугарија никогаш не ставила вето на евроинтеграцијата на Македонија, ниту ќе стави
