Веќе неколку дена пациентите на Онкологија се соочуваат со недостиг на таблетарна хормонска терапија. Тие се надеваат дека до средината на овој месец ќе можат да ја подигаат терапијата од аптеките и дека во иднина нема да минуваат низ бирократските лавиринти за нешто што би требало да биде систем и стратегија за доброто на самите пациенти, но и олеснување во функционирањето на здравствениот систем.
Станува збор за таблетарната терапија која што ја примаат пациентите со хормонски канцер на дојка односно анастрозол (anastrozole) и летрозол (letrozole) инхибиторите. Проблемот се лоцира во тоа што ни беше ветено односно во процедура е овие лекови да може да се подигаат од аптеки низ Македонија со тоа што ќе треба да им се олесни на пациентите да не патуваат до Скопје. Целата процедура во овој момент е заглавена поради немањето долг период на министер за здравство, меѓутоа нас како пациенти сите овие административни блокади не ни помагаат во проблемот кој што го имаме. – вели Ана Марјановиќ, онколошки пациент и член на здружението „Хемаонко“
За онколошките пациенти е несфатливо на вака високи температури повторно да ја чекаат својата терапија. Велат дека голем дел од нив се приморани со часови да патуваат до Скопје за да се снабдат со истата.
Во врска со недостигот на таблетарната хормонска терапија која за сега пациентите мора да ја подигаат се уште на Онкологија, во телефонски разговор за Телма директорот Стојковски вели дека се очекува следната недела проблемот да биде надминат. Но важно е да се нагласи дека станува збор за лекови кои се терапевтски заменливи со значајна улога во третманот и долгорочната превенција на прогресија на болеста. Се работи на изнаоѓање соодветно преодно решенија со цел да се обезбеди непречена достапност на терапијата за сите пациентки во овој период.
Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија уште во август 2024 година иницираше постапка за префрлување на овие лекови на позитивната аптекарска листа. Целта на оваа промена е да се намалат гужвите и чекањето на самата клиника, како и да се овозможи полесна и поефикасна достапност до терапијата преку аптеките низ државата. Лековите ќе се издаваат врз основа на специјалистички извештај издаден од онколози, а во моментов е во тек финализацијата на административните постапки во Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. – велат од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија
Во меѓувреме пациентите се имформирани дека овие лекови се на позитвната листа на ФЗО и дека можат да ги рефундираат средставта доколку ги набават приватно. Според првиот човек на Фондот за здравство Клековски, важно е да се нагласи дека се завршуваат непоходните административни чекори за олеснет пристап кон овие лекови во интерес на пациентите, во исто време и растеретување на самата клиника.
Нина Стефанова