Вести Македонија Најважни

Без конкретен одговор на барањето за оставка на Мицкоски и Тошковски од најблиските на загинатите во Кочани – Владата ја разбира болката и обвинува политички структури за некрофилија

Го разбираме гневот, а дел од нив се искористени од политички структури, тврди портпаролката на владата Марија Митева откако на вчерашниот Марш на Ангелите во Кочани, беа побарани оставки од претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Таткото на загинатиот Ѓоко Георгиев ги искина писмата кои по трагедијата му биле испратени од Водно и од Илинденска. Роднините го подржаа неговото барање за оставки на тројцата функционери поради неисполнети ветувања и истрага која не ги опфати актиуелните полициски началници. На 16-ти, а месецот за оставка изберете го сами, порачаа од Кочани.

Одговорот од владата стигна преку портпаролката со обвинувачки тврдења за политичка манипулација со најблиските на загинатите.

-Можам да кажам дека во целост, како Влада, ја разбираме нивната болка. Тоа неколкупати досега сме го кажале. Но, од друга страна, мора да кажам, со жалење, дека беа слушнати и лични напади кои што пак политички структури имаат за цел да ги искористат во некоја политичка позадина. Навистина жалам што некои политички структури имаат традиција на некрофили, изјави Митева.

Но, тврдењата на родителите на загинатите во пеколот во Пулс се сериозни. Драги Георгиев посочи дека полицијата не можела да ги најде крадците кои 9 пати краделе предмети од гробот на неговиот син, а кога ги фатил сам вели дека полицијата ги пуштила.

Кога вадел извод умреница за синот, полициски службеници му викале дека за починатиот дедо треба да оди од Струмица во Кочани. Тој вели дека бил предупредуван да не зборува многу и дека е следен.

-Не Ви се плашам. Неколку денови по ред, меследите во Струмица, со џип, жена со црни наочари ме следи. На гробишта ми дојде човек со велосипед за да ме предупреди да не зборувам и дека сум пишувал многу. Да, ја пишувам вистината. Нели Ви е грев денеска да бидете овде со нас. Да одиме, да запалиме свеќа за тие деца, рече Драги Ѓеоргиев, таткото на загинатиот Ѓоко.  

Родителите и натаму се гневни и немаат доверба во институциите откако истрагата ги помилува сите актуелни полициски началници и службеници од Кочани и Штип кои биле на функција и на должност кобната ноќ на 16-ти март. За нив не се утврдени пропусти туку осомничени се полициски припадници кои потпишувале документи пред 2024-тата година.

На сето тоа, родителите на вчерашниот Марш на ангелите беа снимани од полициски службеници од станицата кога бурно реагираа.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски ја обвини СДСМ за некрофилија, најави епски проект за Кочани и рече дека извештајот во ЕП ќе биде изгласан

Дејан Дејан

Растат тензиите Трамп ја распоредува Националната гарда

Дејан Дејан

(Видео)Невреме во Кина проследено со дожд и снег – повеќе од 13 илјади луѓе се евакуирани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе