До утре треба да се знаат резултатите од инспекцискиот надзор кој треба да утврди дали имало пропусти во лекувањето на тригодишното дете од Кавадарци, кое во понеделникот наутро беше донесено починато на Клиниката за детски болести во Скопје.
Родителите на детенцето, кое починало на пат кон Скопје, бараат да се испита лекарска грешка, зашто сметаат дека во Кавадаречката болница не ги сфатиле сериозно и во Скопје ги испратиле да одат со приватно возило, наместо со Амбулантно.
Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска вршат вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи за да се следи патот на лекувањето на детето. Надзор се врши во ординацијата на матичниот лекар на детето во Кавадарци, во болницата во Кавадарци и во Детската клиника во Скопје.
„По завршувањето на овие инспекциски надзори во сите три здравствени установи, ние како Државен санитарен и здравствен инспекторат, преку Министерството за здравство ќе ги информираме медиумите за констатираната состојба и преземените мерки.
Телма: До кога може да се очекува да заврши надзорот?
„Веќе во текот на утрешниот ден ќе излеземе со конкретни информации“, вели директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов.
Таткото на починатото дете, во изјава за МИА, вели дека околу 3 часот утрината во понеделникот побарале помош во Кавадаречката болница, но не ги сфатиле сериозно. Детето починало неколку часа подоцна на пат кон Скопје. Болницата во Кавадарци одбила да го испрати детето, кое и претходно имало здравствени проблеми, кон Скопје со медицинско возило, па родителите тргнале со приватно возило. Директорот на Клиниката за детски болести Реџеп Мемеди потврди дека детето кај нив било донесено починато и оти родителите пристигнале со цивилен автомобил.
Кавадаречката болница соопшти дека формирале и внатрешна комисија што ќе ги разгледа сите околности поврзани со случајот.
„Ја уверуваме јавноста дека безбедноста и здравјето на пациентите како и транспарентноста во работењето се наш врвен приоритет“, се вели во соопштението, потпишано од в.д. директорката, Гордана Камчева.
Тие соопштија дека внатрешната комисија треба да изготви посебен извештај во врска со случајот по што ќе ја информираат и јавноста.
Срѓан Стојанчов
