Координаторите на сите пратенички групи се потпишаа на заеднички предлог закон за прогласување на Просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона. Пред координаторите, прв како предлагач е потпишан собранискиот претседател Африм Гаши. Законот ќе оди во скратена постапка и нема да биде бесплатен за граѓаните бидејќи се планирани засега непознати финансиски импликации за откуп на земјиште.
Собранието ќе треба да го откупи и плацот за планираната катна гаража во паркот до Собранието. Таа парцела сега е во сопственост на приватна фирма. Просторот беше расчистуван минатото лето, но изградбата не почна, а неколку преостанати дрвја беа исечени. Катната гаража е наведена како дополнителна причина за носење на законот.
Во предлог законот е предвидено дека безбедносната зона ќе има површина од 1,55 хектари а ќе се простира и во височина од 100 метри над површината на плацот. Во предлог законот е наведено и што е забрането.
Во безбедносната зона се забрануваат:
- градежни активности;
- поставување на линиска и инсталациона инфраструктура;
- одржување на јавни собири, протести или манифестации;
- летање со дронови и други типови на беспилотни воздушни летала во воздушниот простор над Собранието и безбедносната зона и
- вршење на други работи со кои се нарушува или оневозможува нормалното функционирање на Собранието и објектите што се наоѓаат во непосредна близина на Собранието, а се до границите на безбедносната зона.
Со предлог законот се забрануваат измени на ДУП и урбанистички планови за просторот на безбедносната зона на Парламентот, а сите досегашни одобренија за градба престануваат да важат.
-Со оглед дека се работи за уредување на законска материја преку која ќе се овозможи сигурност на надворешниот и внатрешниот простор и луѓето кои доаѓаат во собраниската зграда, а со тоа ќе се елиминира секаков можен ризик заради непречено функционирање и работење на Собранието и овозможување на слободен пристап на пратениците, надворешните лица кои учествуваат во работата на Собранието (преставници на Владата и на органите на државната управа и на други органи) и на вработените во Службата на Собранието, се предлага земјиштето околу Собранието да се прогласи за безбедносна зона, по примерот на голем број држави, стои во образложението за законот.
Миомир Серафиновиќ