Истрага против 49 лица, од кои најголем дел се лекари, за злоупотреби за стекнување со право за туѓа нега и право на инвалидски пензии, отвори Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од нив 23 лица се приведени, а едно е недостапно.
Две групи се формирале во 2023 година. Една за постапки за туѓа нега. Другата за инвалидски пензии. Шемата била иста – примале поткуп за да им завршат работа на барателите, обезбедувајќи им невистинита медицинска документација.
Првата ја формирала поранешна вработена на универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје заедно со други двајца осомничени.
Телма дознава дека станува збор за Славица Милошевиќ, која била сестра на клиниката и добила отказ поради сомнежи за незаконско работење.
Потоа и се придружиле уште девет осомничени од кои двајца лекари специјалисти и претседатели на стручна комисија во рамки на болницата во Велес, како и други лекари вработени таму и во ординација во градот, потоа во клиниката за неврологија во Скопје, како и адвокат од Велес и вработен во тетовскиот центар за социјална работа.
„Така, членовите на групата, без присуство на лицата кои давале поткуп, обезбедувале фиктивни медицински прегледи кај матичните доктори, како и клинички или болнички прегледи кај лекари и медицински лица“, се вели во соопштението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Во истовреме и докторка од клиниката за уво, нос и грло Скопје, која била и член на комисија, а Телма дознава дека станува збор за Габриела Копачева Барсова заедно со првоосомничената, поранешната сестра на истата клиника Славица Милошевиќ и двајца други осомничени создале друга група на која потоа ѝ се придружиле уште 12 осомничени од кои тројца од првата група.
„Со преземените дејствија осомничените членови на групата на барателите им обезбедувале исполнување на услови за успешно водење на постапките за стекнување со право на инвалидска пензија“, додаваат од ОЈО ГОКК.
Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека имал информации за нечесни доктори.
При претресите одземени се 110.000 евра, 65.000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефони, нотеси со податоци на должници, како и разна медицинска документација и повеќе факсимил печати.
Осомничените се гонат дека направиле штета на буџетот и за повеќе кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Примање поткуп“, „Давање поткуп“, „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Давање награда за противзаконито влијание“.
За 12 осомничени се бара притвор, за тројца куќен притвор, за останатите мерки на претпазливост.
Марија Митевска