Вести Македонија Најважни

Владата тргна по патот за разрешување на Коцевски

Владата на денешната седница го задолжи министерството за правда да покрене активности за отпочнување на постапка за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски.

„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава. Дозволете ми да објаснам кои беа аргументите позади кои беше донесена оваа одлука. Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и судството. Дополнително, последното именување за в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска. Односно надвор од одредбите пропишани со Законот за јавно обвинителство“, наведе портпаролката на владата Марија Митева.

Со ова Владата практично го обвинува и Советот на јавни обвинители, кој вчера ја назначи обвинителката Наташа Крстевска Цалева за в.д. шеф на Вишото скопско обвинителство, откако Коцевски ги суспендираше досегашниот шеф Мустафа Хајрулахи и вишиот обвинител Јован Цветановски, против кои иницираше дисциплинска постапка. За Хајрулахи има и кривична истрага.

Коцевски ги обвини за неправилности во работата.

Војната меѓу Коцевски и Хајрулахи и Цветановски излезе во јавност во октомври минатата година. Хајрулахи го обвини Коцевски дека му вршел притисок за предметот со бонусите на СЈО да не ѝ се даде статус на оштетена на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Предметот го водеше вишиот обвинител Цветановски. Коцевски негираше дека вршел притисок и оти обвинувањата од Хајрулахи се поради тоа што наредил надзор над работата во Вишото обвинителство Скопје.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски беше избран од Собранието пред точно една година, и има мандат од шест години. Според Законот, Владата може до Собранието да достави предлог за предвремено разрешување на јавниот обвинител, по претходно мислење од Советот на јавните обвинители. Законот предвидува два основи за предвремено разрешување – ако е член на политичка партија или ако направи тешка дисциплинска повреда. Под тешки дисциплински повреди се сметаат – потешко нарушување на јавниот ред и мир, неточна изјава за имотна состојба, не се изземал во случаи во кои требало, ако е осуден на затвор, ако издава класифицирани информации или ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, без оправдани причини не постапува во предметите во зададените рокови и по предвидениот редослед или двапати последователно има лоша оценка.

Премиерот Мицкоски постојано изразува незадоволство од работата на Обвинителството. Во ноември рече дека има мнозинство за смена на Коцевски, но оти ќе му дадат шанса. Коцевски тогаш одговори дека ако евентуално згрешил, постапката за разрешување е предвидена со законот.

Срѓан Стојанов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца пациенти повредени во пожарот во Кочани сè уште се надвор од државата, втората група на Пониква заминува од средина на јули

Дејан Дејан

Трамп не размислува за продолжување на 90-дневната пауза за воведување царини

Дејан Дејан

Жена паднала кај охридската населба Канео

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе