Неделава решение за два лека, а потоа и за преостанатите три коишто ги нема на Онкологија во моментов. Ова го вели директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), откако вчера здруженијата алармираа дека од крајот на минатата недела нема биолошка терапија за пациенти со метастазиран канцер.
Овие лекови се набавуваат со таканаречниот условен буџет на клиниката, но проблемот не е во парите, тврди Клековски. Според првиот човек на ФЗО, секогаш се случува ова кога се прави премин од една во друга финансиска година, а досега ваквите проблеми се решавале со реверси.
Фондот ќе инсистира на воведување регистар на онколошки пациенти најдоцна до летото.
„Ние мораме да воспоставиме регистар на пациенти, како што веќе има за ретките болести и како што има за дијабет. Со регистарот соодветно ќе се евидентираат пациентите и планираат количините на лекови коишто се неопходни. Онаму каде што нема доволно лекови за сите ќе бидат јасни и транспарентни критериумите – кој пациент ќе ја добие, а кој нема да ја добие таквата терапија каква што се очекува“, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
И покрај недостатокот на некои лекови, најголемиот дел од пациентите на Онкологија се покриени со терапија, уверува директорот на клиниката.
Вели дека во тек се преговори со производителите и така ќе се решава проблемот со терапијата.
„Со дел од лековите коишто се во дефектура сме во процедура за потпишување за анекс на договорот, а дел ќе ги решиме со процедура. Некои од пациентите примаат терапија и се покриени со терапија по медицина базирана на докази. Кај некои од пациентите оваа терапија е само дополнение на постоечката терапија. Во секој случај, повеќето од пациентите не се оставени без терапија“, вели Игор Стојковски, директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.
На прашањето зошто досега не е направен регистар на онколошки пациенти, директорот на Фондот за здравствено осигурување прстот го впери во менаџментот на клиниките. Клековски вели тоа не е толку комплициран процес, но има отпор од клиниките, а тој ќе инсистира и покрај тоа да се формира една вкупна бројка на пациенти.
Петар Догов