Обвинувања за политизација на регулаторно тело на медиумите доминираа денеска на расправата, на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
22-ца кандидати ги презентираа своите биографии и останаа во трка за едно од седумте нови позиции во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
За пратениците од опозицијата, кандидатите со политичко минато треба да имаат доблест, па како морален и етички чин да се откажат од кандидатурата.
Дел од медиумите периодов пишуваа за некои имиња од кандидатската листа. Афрона Верзиволи стана актуелна кога беше именувана па разрешена од Владата, од позицијата главен ревизор за ИПА-Фондовите.
Таа лично не вршела раководна функција во политичка партија, но нејзиниот сопруг е прв човек на партиски огранок на Алијанса за Албанците на Таравари, a членови на нејзиното потесно роднинско опкружување испратија пораки со погрдни зборови, до новинарите кои информираа за новонастанатата ситуација.
Верзиволи ја образложи својата кандидатурата на Комисијата и порача дека ќе се залага да се тргне политиката од медиумите.
На опозициските обвинувања дека поголем број од кандидатите имаат политички бекграунд, пратеници од мнозинството одговорија со барање да им се даде шанса на кандидатите да зборуваат за своите компетенции, наместо за своето минато.
Во голем дел од говорите на кандидатите, провејуваа заложбите за унапредување на Законот за медиуми и усогласување со европската регулатива, поголема заштита и безбедност на новинарите и медиумските работници, но и подобрување на стандардот на вработените во секторот.
Помеѓу пријавените кандидати има новинари, правници, информатичари, аналитичари. Дел од нив и досега беа членови на Советот на ААВМУ.
Според Законот, членовите на Советот на ААВМУ имаат мандат од пет години, а покрај тоа и атрактивни плати за македонски услови.
Петар Догов
