Ако не сме на масата, ќе бидеме на менито. Ова е порака која Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија (ЕУ), им ја пренел на лидерите на европските држави во Будимпешта, барајќи од нив обединетост доколку не сакаат другите големи светски играчи да носат одлуки наместо нив.
„Јасно е дека Европа мора ја гради својата безбедност, а таа безбедност бара повеќе инвестиции во одбраната. Но, не само во одбраната, туку и во технологијата, за да се обезбеди нашата независност и суверенитет. Ако не сте на масата ќе бидете во менито. Ако не сте на масата на геополитичката игра, ќе бидете во менито“, порача Борел.
Борел ова го изјави по средбата на Европската политичка заедница на која се разговарало за безбедносните предизвици на Европа, како војната во Украина, состојбата на Блискиот Исток, илегалната миграција, но и економската безбедност на Европа. Борел притоа беше дециден дека Европа мора да продолжи да ја поддржува Украина, најавувајќи дека наредните денови ќе ја посети за види како ЕУ ќе продолжи да го прави тоа.
Дека една од клучните теми на состанокот на 47 шефови на држави и влади била Украина потврди и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, според кого доколку не се направи тоа, ние ќе испратиме погрешна порака до Путин, но и до некои други авторитарни режими во светот.
Мишел на прашањето дали ЕУ и Европа се сега послаби поради владината криза во Германија, одговори дека верува во демократските институции.
„Верувам во демократските институции во ЕУ, вклучително и на национално ниво. Уверен сум дека нашите демократски институции, вклучително и во Германија, се најдобрата алатка за нашиот легитимитет. И уверен сум дека Германија и другите земји-членки ќе дејствуваат посветено за да ги заштитат и одбранат нашите вредности и интерес“, рече Мишел.
И Мишел и Борел, пак, за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и идните релации со Европа, со став дека европските лидери сакаат да ги зајакнат врските со Вашингтон, но оти истовремено Европа мора да работи и на јакнење на својата независност.
„Што и да се случи во САД, ние го имаме нашиот интерес, нашите вредности. Со сигурност САД е нашиот најважен партнер. Тоа е факт“, рече Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
„Секако фактот што САД избраа претседател кој има специфични идеи за најважните случувања во светот, Украна, Блискиот Исток, односите со Кина, бара од Европејците да имаат јасно разбирање за својата мисија, а нивната најважна мисија е да ја изградат Европа како сила, како суверен ентитет кој ќе може да дејствува, без надворешна помош за својата безбедност од никој друг“, изјави Борел.
Според Борел, единствен начин Европа да може да го направи тоа, само ако е обединета.
Домаќин на петтиот самит на Европската полчитичка заедница беше Унгарија, а следниот состанок ќе се одржи во Албанија во мај идната година.
Тамара Грнчароска
