Вести Најважни Свет

Републиканците со мнозинство во Сенатот, отворена уште трката за Претставничкиот дом – Харис сè уште не се огласи

Од нашиот специјален известувач од Вашингтон

Игор Трајков

Републиканците ликуваат поради големата победа која вчерашното гласање во САД им ја донесе. Доналд Трамп се враќа во Белата куќа, Републиканците го освоија мнозинството и во Сенатот. Засега неизвесна останува само трката за Претставничкиот дом. Што покажуваат најновите резултати, дали Републиканците ќе ја преземат комплетната власт или Демократите ќе ја добијат утешната награда?

Единствената неизвесност е борбата за освојување мнозинство во Претставничкиот дом. Демократите беа прилично големи оптимисти дека Камала Харис ќе го победи Трамп и дека ќе им го земат Долниот дом во Конгресот на Републиканците, што дури и не сакаа да зборуваат за Претставничкиот дом.

Анкетите објавени непосредно пред изборите им влеаја и надеж дека имаат шанси да го задржат и Сенатот, особено затоа што покажаа тенденција на зголемување на поддршката за Колин Алред, кој се бореше против Тед Круз во Тексас, и Деби Мукарсел Пауел против Рик Скот во Флорида. На крајот ниту еден од нив не беше ниту блиску до победа. Не само што тоа не се оствари, туку Републиканците се поблиску до зголемување на своето мнозинство во Сенатот. Нивните кандидати водат во Невада и Пенсилванија, а мртва трка се води и во Мичиген.

Трката за Претставничкиот дом сè уште трае, но за голем дел од местата процентот на обработени гласови е премал за да се проектира резултат, иако мора да се напомене дека во најголемиот дел во водство се кандидатите на Деморкатите. Тоа значи дека Демократската партија е на добар пат да го освои барем долниот дом на Конгресот, што во иднина може да се покаже дека не била така мала и незначителна победа.

Дали демократите положија преголеми надежи на прашањето за абортусот и инсистирањето дека Трамп претставува закана за демократијата во земјата?

Можеби може да се каже дека овие две прашања демократите ги потрошија. На нив се фокусираше кампањата за мидтерм изборите пред две години, кога го спречија најавуваниот црвен бран на републиканците и спротивно на најавувањата освоија многу повеќе места во Претставничкиот дом, отколку што очекуваа. На Бајден како католик никогаш не му беше удобно да зборува за абортусот и тоа со текот на времето создаде мала фракција со полибералните струи во партијата, но изборите во 2020 година ги доби предупредувајќи ги Американците дека Доналд Трамп е најголемата закана за демократијата и безбедноста во земјата.

Од другата страна, тоа што веќе неколку пати го посочивме во овие избори, Трамп водеше по професионална кампања за негови стандарди, а луѓето околу него успеаја да ја одржат пораката концизна и јасна. Токму поради тоа беше во можност веднаш да ги постави главните начела по кои ќе се води неговата идна администрација.

Камала Харис сè уште не го признала поразот 

Тоа што таа сè уште не се појавила во јавност и не го признала поразот не е ништо невидено и не значи дека нема да го направи тоа. Во 2016 година, Хилари Клинтон, исто така, доцна го призна поразот. Повеќе претставници на демократите на еден или на друг начин веќе изјавија дека резултатите мора да се прифатат, независно дали им се допаѓале или не. Најавено е обраќање на Камала Харис пред студентите на Универзитетот Хаурд подоцна денеска и сите очекувања се дека оттаму ќе го направи тоа, и можеби ќе каже кои според неа беа причините за поразот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Блупринт групата бара темелна истрага за загадувањето на водата

Kristina Kuzmanovski

Мицкоски: Од опозицијата зависи дали ќе има нови обиди за носење на Изборниот законик

Kristina Kuzmanovski

Рокас: Владеењето на правото клучен предуслов за успешна евроинтеграција

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе