Задоцнета кислородната поддршка кај 14-месечното бебе кое почина од бронхопневмонија на 5 октомври на Детската клиника во Скопје и превид во проценката за негова хоспитализација, констатираше стручната Комисија на Министерството за здравство. Бебето најпрво беше однесено на Детската клиника, каде беше одбиено за хоспитализација, а потоа родителите го однеле во болницата Козле.
„Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потреба од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката на 3 октомври годинава, а во Козле е констатирана ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии и третманот“, рече Арбен Тараври, министер за здравство.
Но освен лекарски пропусти, Комисијата при надзорот во двете здравствени установи утврди повеќе системски и технички слабости, пропусти во тријажата и во транспортниот систем од една во друга клиника, како и недостиг на апаратура за кислородна поддршка во Козле, иако оваа здравствена установа е болница за белодробни заболувања.
„И да го немале и едниот и другиот тип на механичка поддршка, дали навреме е направена проценката според тежината на респираторните потешкотии и детето е препратено во Клинката за детски болести? – Од друга страна затајува и системот за транспорт, бидејќи тој не функционира за 24 дежурство“, вели д-р Елизбета Петковска, неонатолог на ГАК.
„Токму од тука произлегуваат и нашите препораки за болницата Козле да се снабди со апаратура со неинвазивна и инвазивна вентилација која што е животоспасувачка апаратура за детето“, рече Орхидеја Стомнаровска од Детска клиника Козле.
Извештајот за смртта на 14-месечното девојче на Стручната комисија на Министерството за здравство ќе биде испратен до Лекарската комора, а министерот Таравари очекува дека случајот серизоно ќе се разгледа и ќе се преземат соодветни мерки.
За случајот со 31-годишната родилка од Куманово, која почина при породување во кумановската болница на 27 септември, Комисијата не утврдила неправилности во третманот при породувањето, ниту се утврдени пропусти при следењето на нејзината бременост.
Емилија Мисирлиевски
