Укинувањето на Балансерот отвори нов фронт за политички препирки, но не донесе дилеми дали е нарушен мерит системот при вработување и напредување во јавната администрација. Правните експерти се согласуваат дека Балансерот одамна бил зрел за укинување, а процентот на вработеност на Албанците најмногу е подигнат и стигнал до 19,6 проценти пред неговото донесување во 2015-та. Се очекува поинакво решение за начелото „правична застапеност“ која не треба да се меша со партиска застапеност.
-Целиот фокус на дебатата е тотално погрешен. Не е прашањето на етничка застапеност или Балансер како механизам – суштината на дебатата. Суштината е во партиските филтри кои постоеја уште пред донесувањето на Балансерот, непосредно по донесувањето на Охридскиот договор. Тој фактор треба да се вкалкулира во целата дебата за да можеме да дојдеме до суштината: зошто одредени процеси не функционираат, рече универзитетскиот професор Ненад Марковиќ во емисијата Вин-вин.
-Укинувањето на Балансерот не доведува до мерит. Укинувањето на партиските агенции за вработување, HR агенциите од партиските штабови кои вработуваат партиски кадри на државни позиции, тие 3 партии се ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Укинувањето на тој модус ќе доведе до мерит систем, не укинувањето на Балансерот, вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу.
На политички план, ДУИ и Европскиот фронт се централните бранители на концептот на Балансерот. На обвинувањата дека додека биле на власт гласале за Стратегија за реформа на администрацијата и отстранување на Балансерот, а сега, одлуката на Уставниот суд ја нарекуваат „укинување на етничката припадност и тежок удар врз Уставот и врз Охридскиот договор“, ДУИ објаснува дека и во јули 2023-та биле против Стратегијата и дека таа никогаш не била изгласана во Собранието.
-По предлогот на оваа Стратегија на која ДУИ и тогаш се спротивставуваше, се закони во чии одредби ја има правичната и соодветна застапеност. ДУИ отсекогаш била главен бранител на Охридскиот рамковен договор, од кој произлегува и начелото на правична и соодветна застапеност, рече пратеничката од ДУИ Арта Биљали-Зендели.
Владеачката Вреди најавува нов Закон за правична застапеност. Би требало да содржи насоки за некаква евиденција на етничката припадност или дополнителни бодови за припадниците на заедниците. Коалицискиот партнер ЗНАМ не верува дека етничкиот приоритет ќе донесе квалитет, но верува дека решение ќе се најде.
-Сите граѓани мора да имаат еднакви права и етничкиот предзнак не треба да биде привилегија на некого при вработувањето. Освен да се залагаме за политичкиот квантитет, треба да се заложиме суштински да добиеме квалитет и да им дадеме шанса на најквалитетните без разлика кој од која етничка заедница доаѓа или пак од македонскиот народ, изјави претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски.
Пред два дена, Уставниот суд го укина Балансерот, оценувајќи го како алатка која ги повредува уставните начела за слободно изразување на националната припадност, достапноста на работното место и забраната за дискриминација. Од законодавецот се очекува нов начин на запазување на друго уставно начело – соодветна и правична застапеност на заедниците на сите нивоа во државните и во јавните институции.
Соња Николовска
