Вести Македонија Најважни

„Вреди“ нуди закон, Минчев не сака да брза со ново решение за правичната застапеност

Наместо Балансер, закон за правична застапеност. Откако Уставниот суд го укина Балансерот како неуставен, односно дека го повредува загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, од власта стигна уверување дека уставната категорија за правичната застапеност на етничките заедници ќе биде заштитена со закон.

Министер за здравство, Арбен Таравари, од коалицијата Вреди соопшти дека тие веќе имаат изготвено таков закон и оти наскоро ќе го достават до Собранието.

„Кога е уставна категорија, треба да има и закон. Да има нов закон со кој ќе се предвидат, застапеност, не само етничка, туку и на сите категории на луѓе коишто живеат во државата, да имаат правична застапеност во институциите на системот, во институциите на државата. Се надевам набргу, законот е готов од наша страна, очекуваме и мислења кои доаѓаат од меѓународни експерти и од Европската комисија“, изјави Таравари.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска не сакајќи да го коментира законското решени што го нуди Вреди, како што изјави, поради то што не го видел, пак е на став дека владината коалиција има политички капацитет да се започне со дијалог и да се најде решение кое би било согласно Уставот во делот на правичната застапеност.

„Во принцип не сум за избрзани решенија. Измените коишто треба да се однесуваат на правичната застапеност на етничките заедници се однесуваат на два закони коишто се во надлежност или пак носител е Министерството за јавна администрација. Идејата за потпишување на изјава на нотар за чуство на етничка или национална припадност, за мене е понижување. И затоа велам дека е добро да легне тензијата, со ладни глави“, вели Минчев.

Минчев е на став дека решението кое би се понудило преку широка јавна дебата, дали како нова методологија или закон, ќе мора да обезбеди дека тоа нема повторно да биде оспорено од Уставниот суд.

А токму две уставни категории правичната застапеност на етничките заедници, но и начелото на слобода на изразување на национална припадност треба да бидат гарантирани во ново законско решение.

„Имаме начело за слобода на изразување на националната припадност, во Уставот. Слободата на изразување значи дека не морам да се изјаснам, не мора никогаш да кажам. Не морам дури никогаш и да го имам изградено чуството во одреден временски период. Е сега, ако сакам да бидам државен службеник мене ми се дерогира оваа уставна слобода, јас морам да кажам што сум за да се вработам, ако не напишам не можам да влезам како Македонка, ако е за Македонец, односно како Албанка, ако е за Албанец конкурсот. И тоа апсолутно е неуставно“, вели уставната судијка, Павловска Данева.

Павловска Данева смета дека е на владата и на законодавецот е да донесат нова методологија или закон за правична застапеност каде што нема да предвидат кандидатот за вработување да мора да се произнесат по етничка припадност.

Албанската опозицијата пак на став дека токму укинувањето на Балансерот значи укинување на правото на декларирање на етничката припадност и носењето на закон за правична застапеност, кој го најавуваат од Вреди, го нарекоа лага.

„Со ваквата одлука на Уставниот суд се укинува правото за да се изјасниш како припадник на некој атничка заедница. Со тоа никаков закон за правична застапеност нема значење или нека кажат како ќе се спроведе, кога по ист принцип Уставниот суд може да го укине и тој закон“, изјави Зијадин Села од Европски фронт.

Тоа што е заедничко, и за владеачката Вреди и за опозицискиот Европски фронт, е што и едните и другите ќе бараат вклучување на меѓународни експерти за решавање на прашањето за почитување на правичната застапеност во земјава.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани

Sasko Dimovski

Клековски: Замолувам да нема „слободни јавачи на епидемијата“ – Пановски, Беќаровски и Ристески му реплицираа на социјалните мрежи

Sasko Dimovski

СДСМ: Наместо одговорност за труењето на граѓаните, Клековски и ВМРО-ОКГ со напад на лекарите

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе