Речиси две седмици откако Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека водата што струмичкото комунално претпријатие ја дистрибуира до домаќинствата не е безбедна за пиење и готвење, слични резултати стигнуваат и за водата во Василево.
Доцна синоќа Општина Василево на своите профили на социјалните мрежи извести дека по најновите резултати од направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи, Василево и наслеените места Градашорци, Ангелци, Едрениково, Добрашинци, Нова Маала и Чанаклија не треба да ја користат водата од водоводната мрежа за употреба и пиење.
Ова не е првпат водата од водоводот во Василево да е забранета за пиење. Такви забрани имаше и во февруари годинава и во јануари 2023 година. Тогаш општината соопшти дека водата е заматена поради обилни врнежи и наглиот пораст на нивото на брана Турија.
Општина Василево побарала дополнителни анализи на водата за пиење во наредните денови и од Центарот за јавно здравје и паралелна анализа од акредитирани лабаратории. Појаснуваат дека екипите се на терен и работат на надминување на состојбата и решавање на проблемот, а граѓаните ќе бидат дополнително информирани.
Општината вели дека изминатиот период направиле сериозен зафат на филтер станицата Ташли Баир. Јa промениле кварцната песок, која не била променета 18 години, од изградбата на филтер станицата, а ја замениле и целата електроника.
Ситуацијата со водата во Василево дава нов тек и на случајот со загадената вода во Струмица, проблем кој изминатите седмици е тема и на партиски препукувања.
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и министерот за земјоделство обвинија дека општината и градоначалникот сo несериозно и недомаќинско работење имаат вина за проблемот со водата.
Затоа синоќа по објавата на Општина Вaсилево за состојбата со водата, градоначалникот на Струмица Костадинов апелираше ваквите проблеми да не се политизираат, туку да се најде заедничко решение, бидејќи како што напиша на својот фејсбук профил, со слични предизивици покрај Струмица и Василево се соочуваат и Тетово и Гостивар.
Сузана Мицева
