Вести Македонија Најважни

ЕУ се изживува со Македонија, вели премиерот – опозицијата оценува дека е пропуштена голема шанса и е доведена во прашање иднината на граѓаните

Македонија останува во чекалната на Унијата, а соседна Албанија продолжува да врви по патот на интеграцијата.

На премиерот тоа му било посочено уште при посетата на Брисел пред една недела.

Европските партнери немале слух за предлогот на Мицкоски, за одложено дејство на уставните измени – истите да станат ефективни откако ќе завршат преговорите и ќе се ратификува пристапниот Протокол.

Барањето за Бугари во Уставот, за премиерот е ништо друго туку само диктат и ако тоа е единствениот услов за Македонија да продолжи да преговара – Владата ќе каже „не, благодарам“.

„Не треба повеќе на сметка на национални и идентитетски отстапки, без гаранции да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара, тогаш тоа го кажав и во Брисел – не, благодарам. Ајде ќе ја завршиме процедурата. Нема проблем, имаме бројка од осумдесет пратеници. Но, тие амандмани што ќе ги поминеме да важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас, во рамки на Европската унија“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.

Раздвојувањето на Македонија и Албанија е тежок пораз за политиките на Владата, оценуваат од Социјалдемократскиот сојуз.

Иднината на граѓаните е доведена во прашање, шансата е пропуштена, а ќе трпат новите генерации, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Социјалдемократите бараат одговори од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за блокадата на евроинтегративниот пат.

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на граѓаните им сервираа една голема изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја скријат вистинската намера. А, вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во и кон ЕУ. Велеа планот ќе го соопштеле откако ќе победат на изборите“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Oд коалицијата Вреди кои се дел од Владата тврдат дека нема отстапки – Македонија ќе продолжи да оди по европскиот пат и останува временската рамка до 2030 година, како рок во кој државата ќе се обиде да фати приклучок со Унијата.

„Прво да ја почекаме официјалната информација. Владата и Вреди остануваат посветени на ова прашање. Ова е во врвните приоритети на нашите политики и се надеваме дека брзо ќе најдеме решение“, вели Изет Меџити од коалицијата Вреди.

 

„Сигурно дека и како владина коалиција и како коалиција Влен ќе работиме сериозно за билатералниот проблем со источниот сосед што побрзо да се разреши. Да го фатиме чекорот со Албанија и заедно со двете други земји кои веќе работат на поглавјата да бидеме првите земји до 2030 година кои ќе бидат рамноправни членки на Европската унија“, вели Биљал Касами од коалицијата Вреди.

Во изминатиот период подолго време пристигнуваа предупредувања од меѓународната заедница, дека Македонија и Албанија ќе бидат раздвоени во пристапниот процес кон ЕУ.

Премиерот Мицкоски на Албанија ѝ посака што поскора и успешна интеграција во ЕУ.

Во однос на можноста за дестабилизација на Македонија, претседателот на Владата вели дека може да има обиди за такво нешто штом со соседите се раздвојуваме на патот кон Унијата, но институциите соодветно ќе одговорат.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Очекуваме чиста вода за пиење во Гостивар до крајот на следната недела

Kristina Kuzmanovski

Мртов работник на Комуналец во воден канал, протести, сомнителни резултати – ќе има ли истрага

Sonja Petrusevska

Унгарската компанија Икарус избрана и на новиот повик за набавка на 150 автобуси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе