Вести Македонија Најважни

Палевски со обвинувања за лажен исказ и мотив за убиствата на Вања и Панче

Не се чувствувавме виновни. Вака се изјаснија сите обвинети за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски на почетокот на главната расправа во Кривичниот суд за случајот. Најдолг во своето изнесување беше првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо кои натаму тврди дека се работи за политичко монтиран процес.

„Сите докази на обвинителството се од лажен исказ на еден од обвинетите кој сака да избегне доживотен затвор“, рече Палевски, алудирајќи всушност на Влатко Кешишев кој како што пишуваше КОД е тој што прв ќе биде фатен од полицијата, ќе раскаже се и ќе ја однесе до другите обвинети.

Палевски се стави и во одбрана на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и тврди дека воопшто не го познава и нема докази дека биле во комуникација, туку е искористен за да се направи лажен мотив. Во прилог на тоа, според Палевски е фактот што мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како што наведува и обвинителството, во банка имала само 30 илјади евра, а и дупката каде било закопано девојчето е претходно ископана.

„Тоа значи дека е одлучено детето да биде убиено. Мотивот е вештачки. Александар Ѓорчевски е колатерална штета затоа што очајно се трудел да ја најде неговата ќерка. Нема обид некој да бара пари од мајката, а дупката е претходно ископана. Детето е грабнато за да биде убиено, а не да се бара пари.“ изјави Љупчо Палевски.

Неговиот адвокат Марјан Витановски прстот го впери кон другите обвинети, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев за кои кажа дека обвинителството нашло траги кои ги поврзуваат со грабнувањата и убиствата. Кога беа приведени признаа вина и ја однесоа полицијата до телата на жртвите.

Владимир Туфегџиќ, адвокатот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски изјави дека и во излагањето на обвинителството не се слушнало врз основа на кои докази го темели обвинението против неговиот клиент, туку тоа е паушално.

„Јас останувам на тоа дека Александар е жртва. Тој е оштетен во оваа постапка. Тврдам дека секој родител кој би му се случило ваква работа би го преземал апсолутно истото што го преземал и тој во насока да води и своја самостојна истрага.  На крајот на краиштата сведоци сте дека обвинението се темели на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност ан полициските службеници кои јас како бранител барам да бидат испитани“, изјави Владимир Туфегџиќ.

Новина беше информацијата дека Ѓорчевски станот во кој живее и оној во зградата каде беше грабната Вања, како што информираше Туфегџиќ, неколку месеци пред убиството ги подарил на неговите ќерки. Ѓорчевски беше краток во излагањето пред судот.

„Јас умрев во 7:32 часот на 27 ноември. Тоа што остана од мене е ехо од човек. Чувствувам болка и агонија што не може да се опише со зборови. Но, сепак од друга страна чувствувам обврска и кон вас и кон Мина за целосно да се разреши ова работа и целосно во детали со имиња и презимиња и тоа што го наведе мојот адвокат да се потврди“, изјви Александар Ѓорчевски.

Кешишев, Видевски и Манев воопшто не се обратија освен само кога беа запрашани дали се чувствуваат виновни на што негативно одговорија, а нивните адвокати дека ќе докажат оти обвинителството нема докази за делата за кои ги товари.

Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска го оцени случајот како еден од најтешко кривично правни настани кој длабоко ја вознемири и се уште ја вознемирува јавноста.

„Секој од обвинетите во настаните имал своја улога преземајќи дејствија, детално во најмали поединости, кои претходно биле договорени. Таткото на Вања дал насоки кога ќе излезе од дома и дека ќе биде сама“, изјави обвинителот Жаклина Крстевска Јосифовска.

Таа по барање на мајката и сестрата на Вања побара јавноста целосно да биде исклучена од главната расправа, поради заштита на приватниот живот и траумите кои ги доживеале, што не беше прифатено од судијата Ивица Стефановски кој ја дели правдата во случајот.

Според обвинението, Панче Жежовски бил убиен за да се искористи неговиот Цитроен во грабнувањето на Вања, а крајната цел била да се присили нејзината мајка Зорица да даде парични средства за откуп. Најпрвин сакале да ја грабнат Вања неколку дена порано, во петокот на 24 ноември, но задоцниле. Во понеделникот на 27 ноември таа е грабната кога тргнала на училиште и по два часа е свирепо убиена во местото наречено Дупки во атарот на селото Бразда.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Цената на нафтата надмина 100 долари

Kristina Kuzmanovski

Европската централна банка ги одржува каматните стапки непроменети поради флуктуациите на цените на нафтата

Kristina Kuzmanovski

ВЛЕН: Дали случајот со водата во Гостивар e како случајот со канализацијата во Зајас?!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе