Пред 33 години големи очекувања, надеж дека самостојно и одговорно може да чекориме кон иднината. Денес се поголема неизвесност како понатаму и што е она кое нѐ доведе во ситуација на „лет во место“. Дали можеше да биде поинаку, дали се зависеше од нас и тогаш кога околностите не беа такви?
Кога почна очекував дека државата нешто ќе преземе самостојно да промени нешто за животот на луѓето, меѓутоа изгледа не нѐ,бива, таков народ сме. До сега ниту една власт не успеа нешто да промени, само се препукуваат вие вака, а другите вие така. Многу сум разочарана и младите што заминаа во толкав број. Жално е, многу е жално, ајде ние старите имавме и подобар период, смета жителка.
Кога би требало да ги лоцирате причините каде ги гледате?
Секаде,во криминалот најмногу. Кој да дојде на власт краде. Ајде да се краде со усул, но они немаат граница ! Човек да не може да поверува човек да е толку алчен. Да не се мисли за народот, а секоја изјава им е ние сме за народот. За кој народ ? И правосудствотто исто, тоа е голем проблем што не верувам дека ќе се реши. Секаде упорни беа оние што не ги бива и што се алчни.
Голема работа е да се има држава, има големи народи без држава, така што задоволен сум за тоа. А што треба да се промени, најважно е менталитетот на луѓето и на оние што ја водат државата и на оние што имаат улоги во институциите, дури и оние што се менаџери на компании, менаџери на кафулиња, на ресторани сите имаат удел во целава работа. Луѓе што се во институциите, што се на раководни функции јас не верувам дека тие луѓе ислегуваат пеш да прошетаат на ниво на улица, тие се во автомобили, не знаат како е да се биде на улица да се отиде од точка А до точка Б.
За уметниците и научниците кои беа на свеченоста по повод Денот на независноста меѓу најважните нешта е да се инсистира на прочувањето на културниот идентитет и да се инвестира во научни истражувања.
Знаете во уметноста не постои политика и можеби тоа е позитивната страна кај еден уметник што ние сме едицирани да го вреднуваме квалитетот, професионализмот да ја негуваме исконската човечка емоција, а тоа е љубовта и тоа е мој основен животен двигател, изјави Ѓорѓи Цуцковски, оперски пејач.
Нас се уште во 21-от век ни се случува една културна апропријација од нашиот источен сосед во моментов. Имаме многу проблеми во однос на тоа како од надвор нѐ гледааат, но ние покажуваме еден пркос, пркосот кој Петре М. Андреевски го опишал на нашата традиција, на нашата длабоко вкоренета култура е она што нѐ одржува, изјави Велика Стојкова- Серафимовска, етномузиколог.
Дури и по 33 години независност граѓаните се скептични дека нештата ќе тргнат на подобро ако не се промени менталитетот на оние кои ја водат државата.
Нина Стефанова
