И по една недела, големиот пожар во Мариово сѐ уште е активен. Огнената линија значително се зголеми, при што достигна обем од 100-тина километри, а со пламените јазици зафатена е огромна површина со нискостеблеста вегетација и сува трева.
Од прилепскиот Кризен штаб велат дека има неколку критични локации, каде се распоредени повеќе од 200 професионалци, а во функција е само еден „Ер трактор“, додека вториот поради технички прболеми е приземјен.
Пожарот се заканува преку Волково да слезе кон селото Селце, но има доволен број лица на терен, уверуваат од Кризниот штаб. Засега нема опасност за куќи и за верски објекти, бидејќи со механизација е направена изолација.
„Опфатеноста на овој пожар е повеќе од 15.000 хектари и периметарна фронтална линија околу 110 – 120 километри. Во моментов се лоцирани четири до пет места, каде пожарот е најактивен: во близината на селата Крушевица, Бонче и дел кон Штавица, каде се 50 припадници на АРМ и други лица кои ја дополнуваат таа група. Потоа кај селата Вепрчани и Дуње, каде се уште 50 припадници на АРМ“, изјава Борче Јовчески, градоначалник на општина Прилеп.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов информираше дека пожарот кај Мариово е најголем и најтежок за гаснење, но освен него активни се уште неколку.
Според информациите на ЦУК, во текот на денешниот ден, имало вкупно 13 пожари на отворен простор од кои активни се девет, под контрола е еден и изгаснати се три.
Данијела Билбилоска
