(Фото илустрација) Полицијата соопшти повеќе детали за синоќешната акција во тетовско Гајре каде е застрелан и усмртен 41-годишен кој бил осомничен за убиство извршено на 5-ти јули во Тетово.
-На 23.08.2024 околу 22 часот полициски службеници од СВР Тетово и Одделот за специјални полициски операции, по претходно добиени оперативни сознанија дека Л.М. (41) од с. Гајре, тетовско, кој е осомничен за кривично дело убиство на 05.07.2024, а бил баран и поради бегство од Психијатарската болница Бардовци, се наоѓа во с. Гајре, преземале мерки и активности за лишување од слобода на лицето, соопшти МВР во дневниот билтен.
Полициските специјалци заминале во Гајре со судски наредби за претрес на повеќе куќи на семејството на осомничениот. При претресот осомничениот извадил пушка и ја репетирал по што како што МВР соопшти тој “бил неутрализиран”.
-По претходно обезбедени наредби за претрес во три куќи во Гајре, при преземање мерки за претрес на куќа сопственост на З.М., затекнат е Л.М., кој бил вооружен со автоматска пушка и пружил отпор и не постапил по дадените наредби на полициските службеници, туку автоматската пушка ја репетирал и вперил кон полициските службеници, по што било пукано од страна на полициските службеници. Откако Л.М. бил неутрализиран, побарана е медицинска помош од Итна медицинска помош, а известен е и јавен обвинител. Кај Л.М. бил пронајден и пиштол и рамки за автоматска пушка и куршуми. Околу 22.50 часот Л.М. починал, а смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош, стои во полициското известување.
Увид на местото на настанот извршија полициски екипи, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е пренесено во одделот за судска медицина во Клиничка болница Тетово за обдукција.
