Вести Најважни Свет

Аксиос: Блинкен им кажа на Г7 Иран и Хезболах може да го нападнат Израел во следните 24 часа

Државниот секретар Ентони Блинкен им рекол вчера на своите колеги од земјите на Г7 дека нападот на Иран и Хезболах против Израел може да започне уште денеска, потврдуваат за Аксиос три извори до кои стигнала информацијата.

Блинкен ја свика конференцијата за да се координира со блиските сојузници на САД и да се обиде да создаде дипломатски притисок во последен момент врз Иран и Хезболах за да се минимизира нивната одмазда колку што е можно повеќе.

Тој нагласи дека ограничувањето на влијанието на нивните удари е најдобрата шанса да се спречи сеопфатна војна.

Иран и неговиот либански сојузник Хезболах ветија дека ќе одговорат на атентатите од страна на Израел врз политичкиот водач на Хамас Исмаил Ханије во Техеран и воениот командант на Хезболах, Фуад Шукр во Бејрут.

Но, за разлика од иранскиот напад врз Израел на 13 април – во кој Иран лансираше скоро 350 нападни беспилотни летала и проектили кон Израел, а Израел, САД и нивните сојузници делуваа заедно за да ги пресретнат повеќето од нив – Блинкен рече дека сега не е јасно во каква форма ќе биде одмаздата.

Државниот секретар истакнал дека САД не го знаат точното време на нападите, но нагласи дека тоа би можело да започне во следните 24-48 часа – што значи најрано денеска.

Блинкен им рекол на своите колеги дека САД прават напори да го прекинат ескалаторниот циклус со тоа што се обидуваат да ги ограничат нападите на Иран и Хезболах што е можно повеќе и потоа да го ограничат израелскиот одговор.

Тој побарал од другите министри за надворешни работи да извршат дипломатски притисок врз Иран, Хезболах и Израел за да одржи максимална воздржаност.

Државниот секретар им рекол на министрите за надворешни работи на Г7 дека засилувањето на американските сили во регионот е само за одбранбени цели.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер одби да коментира.

„Ја изразуваме нашата длабока загриженост поради зголеменото ниво на тензија на Блискиот Исток што се заканува да разгори поширок конфликт во регионот“, се вели во соопштението на министрите на Г7.

 

„Ги повикуваме сите инволвирани страни да се воздржат од продолжување на тековниот деструктивен циклус на одмазднички насилства, да ги намалат тензиите и да се ангажираат конструктивно кон деескалација. Ниту една земја или нација нема да има корист од понатамошната ескалација на Блискиот Исток“, се вели во нивната реакција.

Командантот на Централната команда на САД, генералот Мајкл Курила, денеска се очекува да пристигне во Израел за да ги финализира подготовките со израелските одбранбени сили пред можниот напад од Иран и Хезболах, соопштија израелските власти.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа свика состанок со министерот за одбрана Јоав Галант и шефовите на војската и разузнавачките служби.

И другите земји во регионот се подготвуваат за драматична ескалација и се обидуваат да го спречат тоа.

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади го посети Техеран во неделата во првата ваква посета по речиси една деценија.

Јордан е загрижен дека иранскиот ракетен и беспилотен напад ќе помине низ нејзиниот воздушен простор.

За време на нападот на 13 април, Јордан пресретна ирански беспилотни летала кои се движеа кон Израел и им дозволи на американските и израелските борбени авиони да го користат нејзиниот воздушен простор за пресретнување на ирански беспилотни летала и крстосувачки ракети.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп испраќа писма со нови царини до трговските партнери

Дејан Дејан

Уште едни неуспешни преговори за прекин на огнот помеѓу Хамас и Израел

Дејан Дејан

Фрлен отпушок од автомобил причина за пожарот кај Блаце?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе