ДУИ е закана по мирот и стабилноста на државата и Владата ги презема сите мерки да го заштити суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, вели премиерот Христијан Мицксоки во интервју за неделникот Фокус.
Во суштина ДУИ грчевито го брани богатството стекнато во изминатите 20 години на власт, вели Мицкоски, коментирајќи ги иницијативата на Демократската унија за интеграција принципот „победник со победник“ да влезе во правниот систем и територијална реорганизација според белгиски модел.
Тој рече дека има информации за можни протести по овие прашања, но категоричен е дека е јасна волјата на народот, а поразените треба да останат во опаозција.
Не ја исклучувам можноста одредени групи и структури да бидат изманипулирани, несвесно. И сега тие групи и структури може да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет, да создадат криза. Ние имаме задача како Влада тоа да го браниме и да се одбраниме. Се уште ги имам тие информации, говорам за протести. Се додека се демократски и мирни, тие се легитимни. Ако преминат во насилни, тогаш, повторно ќе кажам, како Влада имаме право да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на државата, рече Мицкоски.
Во интервјуто премиерот вели дека постојат индиции и докази за злоупотреби на големи суми пари, во повеќе институции од страна на претходната власт.
Тој кажа дека недостигаат околу 80 милиони евра за редовна исплата на пензиите, потоа во Национални шуми се направени долгови од 8 милиони евра, а за РЕК Битола Мицкоски рече дека е направен грабеж затоа што само од една зделка има разлика од 40 милиони евра.
За капиталните проекти вели дека нема никаков напредок
И, кога ќе видите во одредени други институции, каде се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред се, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучок дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени. На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти. Пред се мислам на проектите поврзани со изградбата на Коридор 8 и 10-Д“, изјави премиерот Мицкоски.
Мицкоски тврди дека и покрај тоа што постојат многу основани сомненија за криминали кои треба да се испитаат по допрен глас од страна на обвинителството, во овој момент нема истраги, поради што додаде дека се потребни итни реформи во правосудните органи.
За Советот на јавни обвинители и Судски совет, премиерот вели дека, досега нема никој понудено друг модел, а тоа што го нуди владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е судиите и обвинителите сами да изберат кој ќе биде во овие две институции, како и да добијат поголема независност преку автономен буџет процентуално врзан со вкупниот буџет, а најави и можност пратениците да ја контролираат работата на овие институции преку парламентарна комисија и да проверуваат дали има злоупотреби.
Емилија Мисирлиевска
