Премиерот Христијан Мицкоски упати сериозни обвинувања на ДУИ и оцени дека партијата на Али Ахмети се однесува неодоговорно и е закана за мирот и стабилноста на државата. Преку закани сакаат да го заштитат богатството стекнато во 20 години власт, тврди Мицкоски во интервју за Фокус. Според него, иницијативите на ДУИ за принципот „победник со победник“ да влезе во правниот систем и за територијална реорганизација според белгиски модел се неодговорно однесување.
-Со ова неодговорно однесување, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. И, ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како Влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава. Но, во суштина, овие пораки се обид грчевито да се брани богатството стекнато изминативе 20 години на власт. И тоа е факт, затоа што демократијата подразбира тој што има мнозинство во парламент да има и влада, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во интервју за Фокус.
Премиерот не ја исклучува и можноста некои групи да бидат несвесно изманипулирани и да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет.
-Не ја исклучувам можноста одредени групи и структури да бидат изманипулирани, несвесно. И сега тие групи и структури може да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет, да создадат криза. Ние имаме задача како Влада тоа да го браниме и да се одбраниме, подвлече Мицкоски.
Мицкоски наведе и дека има информации за организирање на протести
-Се уште ги имам тие информации. Јас говорам за протести. Се додека се демократски и мирни, тие се легитимни. Ако преминат во насилни, тогаш, повторно ќе кажам, како Влада имаме право да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на државата, потенцираше Мицкоски.
