Пеплосани ниви, пламени јазици, чад и силен ветар, вака ноќеска изгледаше селото Ерџелија.
„Неколку часа после полноќ се наоѓаме во селото Ерџелија. Овде пожарот е ставен под контрола од населението. На некои места сè уште може да се забележат мали пламени јазици кои сè уште се разгоруваат. Во моментот додека се наоѓаме овде летаат искри од она што сè уште гори.“
Уште кога се наоѓавме на автопат и бевме оддалечени повеќе од дваесетина минути од селото можевме да го забележиме огнот и непријатната миризба која поради ветарот се чувствуваше километри надалеку. Жителите на Свети Николе кои ги затекнавме таму, водеа ноќна борба со огнот.
„Ние бевме пет или шест луѓе кога дојдовме тука. Се обидовме да го изгасиме пожарот, но не можевме сепак тоа е страшна сила. Викавме помош. Пожарните навистина беа на сите страни не можеа да дојдат бидејќи на многу места гореа села и куќи. Ние самите луѓе пробувавме со гранки да гаснеме. Среќа неколку луѓе од селото дојдоа со трактори. Морам да нагласам дека само неколкумина помогнаа. Иако многу од жителите имаат трактори не сакаа да помогнат. Немаме разбирање, чекаме од другите да ни ја завршат работата“, вели Кире Јанев, жител на село Ерџелија.
Оттаму се упативме во селото Немањици, каде жителите доживеа тешки и опасни моменти во текот на денот, кога гореа куќи, а беа загрозени и нивните животи. Кога стигнавме таму селото беше пусто, немаше никој освен исплашените животни. Сè уште можеше да се видат некои стари објекти како горат.
„Селото буквално е пеплосано. Жителите се евакуирани, а сè уште може да се видат некои стари објекти како горат.“
Пожарот започна попладне во горните села на Свети Николе, а силниот ветар набрзина го рашири огнот и во другите околни места.
Тамара Марковска
