На 4 септември започнува главната расправа за двојното свирепо убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски откако обвинителството побара одложување со цел спојување на постапката.
Судењето за четворица обвинети требаше да започне денеска, но во меѓувреме заврши истрагата и за првоосомничениот во случајот Љупчо Палевски Палчо и Кривичниот суд го прифати барањето на обвинителството.
Одбраната на Палевски на 22 јули го доби известувањето за завршена истрага и има рок од 15 дена да изврши увид во доказите. По истекот на рокот ќе биде поднесен и обвинителен акт за Палевски.
Марјан Витановски, адвокатот на Палевски за Телма изјави дека по увидот ќе донесат одлука дали ќе биде потребно да дадат предлог до ОЈО за прибирање на докази за потребите на одбраната.
Истрагата против Палевски започна во мај откако беше екстрадиран од Турција. Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов се товарат дека биле соизвршители. Тие кога беа приведени го посочија Палевски како главниот организатор на грабнувањата и извршител на убиствата и ја однесоа полицијата до телата на жртвите. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка. Извесно е дека за Видевски, Манев и Кешишов ќе се бара највисока казна- доживотен затвор. Истатата казна се очекува и за Палевски. За Ѓорчевски пак запретената казна затвор е максимум 10 години.
Марија Митевска
