Двеста педесет милиони евра, пари од унгарскиот заем, ќе бидат достапни за бизнис секторот во октомври додека општините со своите проекти ќе може да аплицираат за овие средства на почетокот на идната година, најави премиерот Христијан Мицкоски. Контролни механизми како се трошат овие пари ќе има, а првичен план е средствата да се дистрибуираат преку комерцијалните банки без дополнителни трошоци.
За стопанството ќе има и дополнителни 100 милиони евра од Европската инвестициска банка.
Кога станува збор за општините, парите нема да се префрлаат однапред и ќе има контролни механизми кои ќе следат како се трошат овие средства.
Бизнис секторот и Владата ќе имаат цврста соработка во наредниот период преку парична поддршка, енергија и користење на капитални инвестиции за компаниите кои ќе создаваат нови работни места и зголемен извоз. Бизнисмените побараа од Владата транспарентност во работата, борба против митото и корупцијата, градење систем на институции и стимулирање на бизнисот.
Околу барањата на синдикатот, парите од унгарскиот кредит да се дадат на компании кои имаат синдикална организација, претседателот на Комората Азески смета дека треба да се разговара додека премиерот Мицкоски вели парите ќе бидат дадени на бизнисот и не може да го дели дали има синдикални организации или не.
Стопанската Комора денес одбележа 102 години постоење и во рамките на јубилејот беа доделени награди на најуспешните компании а награда доби и премиерот Мицкоски.
Огнен Чанчаревиќ
