Заврши истрагата за Љупчо Палевски Палчо, првоосомничениот за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, а обвинителството ќе бара да се спои постапката со останатите обвинети и одлагање на судењето кое треба да започне на 30 јули, во вторник, наредната недела. Од обвинителството додаваат и дека тече законскиот рок на одбраната да изврши увид во доказите.
„По истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети, соопштија од ОЈО Скопје.
Одбраната на Палевски има рок од 15 дена да изврши увид во доказите, по што ќе се поднесе обвинението. И тогаш одбраната ќе има можност да поднесе приговор по обвинението најдоцна за 8 дена. Потоа ќе се чека Кривичниот суд да го одобри истото.
Марјан Витановски, адвокатот на Палевски за Телма вели дека известувањето за завршување на истрагата го добиле пред три дена.
„Во оваа фаза нема да доставуваме докази, туку само ќе го искористиме правото да извршиме увид, бидејќи досега тоа не ни беше овозможено. По увидот дополнително ќе донесеме одлука дали ќе биде потребно да дадеме предлог до ОЈО со цел прибирање на докази за одбраната. Инаку согласни сме да се води единствена постапка за случајот“, вели Витановски.
Завршена е и истрагата за Стефан Димковски кој го превезе Палевски од Белград до Турција и кој е осомничен за помагање по извршеното кривично дело. Тој тврди дека е невин и дека кога го возел Палевски не знаел дека полицијата е во потрага по него.
„Истражната постапка е завршена и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Постапката против него ќе се води одвоено“, се наведува во соопштението.
Истрагата за Палевски започна во средината на мај, кога беше екстрадиран од Турција. Од тогаш е во притвор во затворот во Шуто Оризари. Тој тврди дека е невин и дека е гонет заради претходни непријателства и политички недоразбирања со определени претставници од власта.
Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов се товарат дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. Тие ја однесоа полицијата до телата на жртвите и го посочија Палевски како главен организатор.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка. Извесно е дека за Видевски, Манев и Кешишов ќе се бара највисока казна- доживотен затвор. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Доживотен затвор се очекува и за Палевски. За Ѓорчевски пак запретената казна затвор е максимум 10 години.
Марија Митевска
