Вести Најважни Свет

Испрати бројни пораки за проширувањето на ЕУ и конфликтите на европско тло, пред да биде реизбрана – Урсула фон дер Лајен старо-нова претседателка на ЕК

Политиките на Урсула фон дер Лајен го поминаа главниот тест, а Европскиот парламент со големо мнозинство одлучи таа да добие нов мандат како претседател на Европската комисија.

За неа глас дадоа 401 пратеник, наспроти 284 пратеници кои беа „против“ реизборот.

Фон дер Лајен доби отворена поддршка за нов петгодишен мандат, од лидерите на групите на социјалистите, демократите, демохристијаните и зелените.

Во своето долго излагање пред пратениците, старо-новата претседателка на Европската комисија испрати бројни пораки за проширувањето на Унијата, а се осврна и на комплицираната геополитичка состојба во моментов.

Западниот Балкан и други држави кои тропаат на портите на ЕУ направија голема жртва досега, а проширувањето на Унијата е врвен интерес и за европското семејство, порача Фон дер Лајен.

Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија направија свој слободен избор. Тие избраа слобода наместо угнетување. Избраа демократија наместо зависност. И некои од нив плаќаат многу висока цена за нивниот избор. Така што, и ние мораме да направимe непоколеблива посветеност кон тоа нивната иднина да биде слободна и просперитетна, внатре во нашата Унија, рече фон дер лајен. 

„Европа стои покрај Украина“, порача Фон дер Лајен – фокусирајќи се на главното жариште на тлото на континентот.

Во насока на тоа, претседателката на Комисијата испрати остри критики до премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

Тој ја посети Русија на почетокот на јули, а Фон дер Лајен вели дека таа посета се коси со интересите на Унијата.

Русија се потпира на тоа дека Европа и Западот ќе „омекнат“. И некои европски држави соработуваат во таа насока. Пред две недели, премиер на земја од ЕУ отиде во Москва, на таканаречена мировна мисија. Но, тоа не беше ништо друго туку додворување. Тоа беше обична додворувачка мисија, рече фон дер лајен. 

Одговор на пораките од Фон дер Лајен пристигна од Руската Федерација. Песков, кој е портпарол на Кремљ, вели дека Руската Федерација не претставува закана за никого во ЕУ.

Според Песков, плановите на шефицата на Европската комисија, за создавање на европска одбранбена унија ѝ даваат на ЕУ „воен призвук“, со најава за методи на конфронтација во надворешната политика.

Инаку, Урсула Фон дер Лајен доаѓа од редовите на Христијанско демократската унија на Германија, членка на десноцентристичката Европска народна партија.

За претседателка на Европската комисија беше номинирана од страна на шефовите на држави или влади на земјите-членки, на Самитот одржан на 27 јуни во Брисел.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори кај касарната во Ѓорче Петров, запалени куќи во Орман и во Волково – до 18 часот се евидентирани 25 пожари

Дејан Дејан

ОЈО ги испитува причините за настанување на пожарот во Визбегово

Дејан Дејан

Блокада на влезот во Битола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе