Пожарникарот коj се здоби со изгореници на рацете и грбот при гаснењето на пожарот што попладнево избувна на ридот над Битола, е надвор од животна опасност информираат од битолската Клиничка болница.
Хоспитализиран е, контактибилен и се следи неговата состојба, велат од таму. Тој се здоби со повреди при интервенцијата во моментот кога ветрот го разгоре огнот кој се претпоставува дека настанал од дива депонија покрај обиколницата каде околното население фрла ѓубре.
Интервенираат над 50 лица, пожарникари, доброволци, вработени во јавните претпријатија.
Пожарот на Раштанскиот рид не е се уште под целосна контрола, но се трудиме да го изгаснеме. Цела ТППЕ од Битола е на терен, доброволни противпожарни друштва, граѓани , сите се на терен. Пожарот почна точно од ѓубрето. Пријавија граѓани, а кога стигнавме веќе гореше. Дуваше силен ветер, изјави Горан Димковски, командир на ТППЕ Битола.
Општина Битола го стави во функција Кризниот штаб. Градоначалникот Тони Коњановски, кој беше на местото, рече дека човечки фактор е причина за пожарот во овој дел од градот каде постојано се создаваат диви депонии.
Топлото време секако, но и човечки фактор. Тука се јавуваат диви депонии. Ние ги санираме континуирано и имаме апел до граѓаните. Јавните претпријатија Комуналец и Нискоградба редовно ги чистат, но секојдневно се јавуваат нови. Се надеваме дека екипите ќе направат се да не се прошири пожарот, ветрот стивна еве, рече градоначалникoот.
Пожарот избувна после 16 часот попалднево и зафати голема површина на сува трева, бор и ниска вегетација, но нема опасност по куќите и населението, а градот се уште е обвиен во чад.
Во овој дел сообраќајот на обиколницата Охрид Битола Прилеп го регулираше сообраќајната полиција.
Емилија Мисирлиевска
