Дали четирите деца биле држени насила или пак доброволно се нашле во куќата на четириесетгодишниот скопјанец, дали некое од нив е во крвно сродство со него, дали биле присилени или доброволно посегнале по психотропни супстанци и дали се тепани или пак имало физичка пресметка меѓу нив и човекот во чија куќа се најдени. Ова се прашањата на кои полицискиот увид во домот на сега веќе приведениот скопјанец во населбата Козле треба да даде одговори.
Засега официјалната верзија на МВР е дека тој пријавил дека бил нападнат од еден од малолетниците и дека тој ја повикал полицијата. Две деца лежеле во бесознание во дворот.
Информациите на Телма се дека тој е очув на едно од четирите малолетни деца и ги повикал кај нив дома уште во четвртокот. Станува збор за две момчиња и две девојчиња. Тој бил зависник од алкохол и користел силни лекарства за да се лечи но неуспешно. Децата посегнале по лекарствата а тоа е потврдено од Клиниката за Токсикологија. Полицијата ја повикале соседите. Во неговиот дом во населбата Козле полицајците нашле и алкохол силни лекарства како и траги од физичка пресметка, превртени маси и столчиња и искршени мобилни телефони но засега нема цврст доказ кој ќе пресече дали меѓусебно се пресметувале или пак биле тепани од очувот на едното од нив.
Од Клиниката за токсикологија соопштија дека децата се стабилни и нивната здравствена состојба се подобрува. Анализата на крвта покажала дека има присуство на дрога но не и на алкохол.
„Сите четири пациенти се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни параметри. Кај сите е докажано присуство на психоактивни супстанци. Не е докажано присуство на алкохол. Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надвор на Клиниката за токсикологија“
Според изворите на Телма, четириесет годишникот кој е приведен ќе биде изведен пред судија на кривична постапка и против него ќе биде поднесена пријава за тешки дела против здравјето на луѓето. Кривична одговорност за негрижа ќе има и за родителите на децата кои повеќе од 30 часа не се вратиле дома а не било пријавено нивното исчезнување.
Огнен Чанчаревиќ
