Вести Македонија Најважни

Обвинението прифатено, се чека датум за рочиште за убиствата на Вања и Панче

Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Рочиште за случајот ќе треба да се закаже во рок од 30 дена.

Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, се обвинети дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Она што најмногу шокираше во случајот е евентуалната инволвираност на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет дека помогнал во нејзиното грабнување.

„По разгледување и ценење на актот, како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а oбвинителниот акт се одобрува во целост. Врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично-правен предмет кој, согласно АКМИС системот, ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена“, соопшти Кривичен суд.

Таткото на Вања од почетокот тврди дека е невин. Видевски, Манев и Кешишов кога беа приведени признаа вина. Видевски потоа го смени исказот и го тврдеше спротивното. Според нивните сведочења, Љупчо Палевски Палчо бил организатор на грабнувањата и извршител на убиствата и тој им им кажал дека информациите за движењето на Вања му се од нејзиниот татко. За Палевски, кој беше екстрадиран од Турција во земјава во мај, истрагата сè уште трае.

„Во однос на повеќе новинарски прашања за постапката против првоосомничениот за двојното убиство – Љ.П., ја информираме јавноста дека постапката е сè уште во фаза на обвинителска истрага“, соопшти Кривичен суд.

Палевски тврди дека е осомничен заради претходни непријателства и политички недоразбирања со определени претставници од власта. Вања беше грабната на 27 ноември минатата година, а Панче исчезна пет дена претходно. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе