Македонија Најважни

Палевски во затворот во Шутка дошол со куфер, евра и лири

Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски  ја помина првата ноќ во македонски затвор откако вчера беше екстрадиран во земјава. По околу 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир тој вчера беше спроведен со редовен лет на Туркиш Ерлајнс на скопскиот аеродром.

Педесет минути беа потребни за тој да биде подготвен за транспорт во затворот во Шутка. Со 4 цивилни автомобили на единицата за соработка со Интерпол тој беше транспортиран од вип излезот на аеродромот во близина на карго просторот. Оттаму преку патарината Петровец заврши зад решетки во Шутка.

„Притвореното лице е спроведено во затвор Скопје во притворското одделение, каде што е згрижено и се постапува по безбедносен протокол и по куќниот ред. Се нема пожалено на некои здравствени проблеми. Прегледан е од лекар. Известен е Кривичниот суд дека лицето се наоѓа во затвор Скопје и се чека на следни чекори од судот каде што треба да се спроведе или да се даде одобрение за некои други активности во врска со притвореното лице“, изјави за Телма директорот на затворот Филип Андов.

А што со себе носел Палевски.

„Лични работи имаше еден куфер со него и некои валути во евра и во турски лири кои се влезени во записник“, додава Андов. 

На Палевски во отсуство му беше изречен 30 дневен притвор.

„По екстрадицијата на првиот осомничен од Република Турција, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста“, соопштија од Основното јавно обвинителство.

За останатите осомничени во случајот, како што додаваат од обвинителството,  истрагата е во завршна фаза.

Екстрадицијата на Палевски најпрвин беше одобрена од турскиот суд, а потоа се чекаше потпис да стават и министрите за правда и надворешни работи. Откако екстрадицијата беше целосно одобрена, македонската полиција во координација со нивните турски колеги го организираа спроведувањето на Палевски во земјава.

Од Министерството за правда изразија благодарност до турските власти.

„Министерството за правда и министерот Кренар Лога изразуваат голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција , Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски. Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци.Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне , каде и да сте!“

Покрај Палевски, за грабнувањето и убиствата осомничени се уште 4 лица меѓу кои и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој од неодамна е во домашен притвор откако Врховниот суд му го замени затворскиот притвор. Тој е осомничен дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.

Телата на двете жртви беа најдени на 3 декември откако дел од осомничените ги открија локациите каде се закопани. Покрај Палевски, за случајот осомничени се уште 4 лица, Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој се гони за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Стефан Димковски, кој го возеше Палевски до Турција е осомничен за  помагање по извршеното кривично дело. Палевски беше уапсен на 5 декември во Баликесир откако беше распишана меѓународна потерница.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожари во Чучер Сандево, Прилеп, Македонски брод, Дојран, Крива Палнка и Чашка

Дејан Дејан

Зачуван статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство

Дејан Дејан

По пожарите: Полицајци, пожарникари и возач на итна медицинска помош биле хоспитализирани на Токсикологија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе