Трет ден се трага по 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, а за таа цел МВР формираше и специјален штаб кој работи деноноќно на пронаоѓање на девојчето. Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрината откако го напуштила нејзиниот дом и требало да се упати кон нејзиното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во центарот на градот.
Од МВР за Телма денеска изјавија дека продолжува интензивната потрага. Специјалниот штаб е предводен од началникот на СВР – Скопје.
„Извршени се низа на активности, проверки и земање на изјави, разговор со семејството, итн…, се со цел да дојдеме до некаква првична информација“, изјави вчера министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за МИА.
Јавноста е на нозе и постојано на социјалните мрежи се споделуваат нејзини фотографии и повици за сите оние што имаат некаква информација поврзана со нејзиното исчезнување да се јават во полиција.
Во потрагата освен полицијата се вклучени и семејството, како и нејзини соученици кои лепеа плакати со фотографијата на Ѓорчевска и бараат какви и да се информации околу тоа каде исчезна малолетничката.
На Ѓорчевска и се губи трага во Дебар Маало во центарот на Скопје за време на утринскиот сообраќаен шпиц. Последниот сигнал од нејзиниот телефон е лоциран на булеварот „Партизански одреди” спроти Универзалната сала.
Во нејзината потрага се вклучи и Ловечката федерација.
„Во Македонија има 100 илјади лица кои поседуваат ловечко оружје, од кои минимум секој ловен ден 25 до 30 илјади од нив се активни на терен и тие поминуваат низ голема територија и на најнепристапни терени и бидејќи ценам дека се најлојалната група на граѓани, ги повикав да помогнат во потрагата по исчезнатото девојче“, изјави Влатко Алексовски, претседател на Ловечка федерација на Македонија.
На платформата „Најди ме“, кој е систем за рано предупредување се објавени информации за нејзиното исчезнување. Системот е воспоставен од невладината Новинари за човекови права и се работи за пилот проект во соработка со МВР и други надлежни институции.
„Важно е да кажеме дека ние не ја преземаме улогата на МВР и другите надлежни институции, туку помагаме во транспарентноста на нивната работа и допирање на информациите до јавноста. Системот не е со цел пронаоѓање на исчезнатите лица, туку во ширење на информациите за нив“, вели Филип Спировски претседател на Новинари за човекови права.
Системот, како што информира Спировски, е дел од мрежата Амбер Алерт во Европа.
Според описот на потерницата таа е висока 175 см, тешка е 58 кг, има кафена коса и очи, носи протези и има бемка на десна страна од лицето. Таа била облечена во син блузон, црна јакна и црни фармерки со странични џебови и бели патики со кафеави линии. Со себе носела и ранец и мобилен телефон марка Ајфон.
Ова не е единствениот случај на исчезнато дете во земјава по кое што трага полицијата. Во последните три години во Македонија исчезнале повеќе од 70 малолетници, но најголем број од нив се пронајдени. На сајтот на МВР се уште се активни потрагите по шест деца.
Според Европскиот центар за исчезнати деца, 300.000 деца исчезнуваат секоја година. Секој што има каква било информација за 14-годишната Вања, да пријави на 112.
Марија Митевска