Битката за тронот во Мото ГП шампионатот се разгорува од трка во трка, бидејќи Хорхе Мартин ја освои пол-позицијата за утрешната трка за Големата награда на Тајланд, а нешто подоцна славеше на спринт трката.
Денешниот ден целосно му припадна на Мартин, кој во квалификациите оствари рекорден круг со време од 1:29,287 минути и ја освои пол-позицијата, четврта оваа сезона. Во првиот стартен ред на утрешната главна трка, друштво ќе му прават Лука Марини и Алеиш Еспаргаро. Од вториот ред ќе тргне Марко Бецеки, потоа Бред Биндер, а шести е лидерот и актуелен шампион Франческо Бањаја. Потоа следуваат браќата Маркез, Алекс и Марк, додека како деветти ќе тргне Маверик Вињалес.
На спринт трката, Мартин победи и успеа да ја намали негативата на само 18 поени во однос на лидерот Бањаја, кој денеска финишираше на седмото место. На подиумот на Шпанецот му се придружија, Бред Биндер и Лука Марини.
Во генералниот поредок Бањаја има 369 поени, Мартин е втор со 351, додека Бецеки е трет со 297.
Утре трката за Големата награда на Тајланд се вози со почеток од 9 часот наутро.